Во меѓувреме, зад него стојат улогите во краткометражните филмови „Карма“, „Шекспирова 9/1“ и „Скора“, редица толкувани ликови во сериите што сите ги знаете, и се разбира низа забележителни остварувања на штиците што живот значат, меѓу кои се улогите во „Солун, град на духови“, „Лерин, полиња жито, ридишта крв“, „Време на забава“, „Црнила Remix“, во претставата на српски јазик „Реалисти“ итн. Рече дека е нервозен кога треба да зборува за себе и дека му е многу полесно да зборува од името на ликот што го толкува, па не беше сигурен што ќе излезе од разговоров на крај. Еве, сега со сигурност може да му потврдиме дека се покажа во одлично светло 😊
Ако тргнам од улогата на Мали во „Наше маало“, серија што ги разбиваше етничките предрасуди во времето на конфликтот, Тери во драмата „Време на забава“, која опфаќаше настани од турбулентната 2015 година, и застанам кај комплексниот лик на Виктор од „Фамилија Марковски“, кој му пркоси на патријархатот, забележувам дека постојано се ставаш среде најсилните вртежи на општествената „центрифуга“. Тебе ли те избираат улогиве?
Веројатно. Дали е судбина или не, не знам, но отсекогаш ме интересирале општествено ангажиран театар и уметност. Дури и сега работам на еден проект што повторно опфаќа таква тема. Цело време сум дел од проекти што се стремат да ја подигнат свеста на луѓето и се општествено и политички ангажирани. Драго ми е што е така и горд сум поради тоа. „Наше маало“ сега е помината тема. Во 2001 година тоа беше најактуелно и најпотребно за младите генерации, со цел да добиеме млади луѓе кои сега се поопуштени во поглед на различната етничка припадност. Сега, нешто слично прави „Фамилијата Марковски“, а и „Преспав“ е до некаде општествена критика. Во тоа ја гледам суштината, треба да се прават проекти што ќе ги менуваат сфаќањата на луѓето кон подобро, ќе ги тераат да размислуваат критички. Инаку уметноста губи вредност.
Како го доживеа Виктор Марковски, имајќи предвид дека е првиот геј лик што на сериозен начин ѝ беше претставен на домашната јавност преку серија на мејнстрим медиум?
Не беше страшно. Можеби беше неизвесен оној социјален аспект, но улогата беше како и секоја друга. Живееме во 21 век, сеедно ми е дали играм геј личност или не. Очекував дека ќе има реакции, довикувања, дофрлања, имајќи предвид каков е нашиот народ. Имав една интересна случка по епизодата во која се открива дека Виктор е геј. Бев излезен со друштво таа вечер и бев под голем стрес бидејќи телефонот не престана да ми ѕвони. Добивав повици со прашања, се јавуваа луѓе со зајадливи реакции, некои со поддршка и охрабрување… Баш таа вечер, додека седевме со друштвото во „Кантина“, помина еден дечко (физички крупен, морам да кажам) и ми се обрати луто: „Дечко, дали ти играш во ‘Фамилијата Марковски’“? Се приближи кон мене и јас му одговорив: „Да“, убеден дека за кратко време тука ќе настане хаос 😊 А тој само ми рече: „Не ја гледав вечерашнава епизода, може ли да ми кажеш кога ќе оди репризата?“ ха-ха
Мислам дека луѓето ја сфатија човечката, онаа поголемата димензија на она со кое се соочува Виктор Марковски. Дека, во суштина, тој не може да се снајде во оваа средина, исто како многу други млади луѓе што го бараат излезот надвор од оваа земја. Дали е геј или не, тоа е само една човечка работа.
Не си дел од ниту една театарска институција. Дали таа невкотвеност и невдоменост „на сигурно“ ти отвора поинакви перспективи како уметник?
Таа невдоменост прави да не западнам во конформизам и да не ми падне креативноста. На пример, може да се случи да станам само еден обичен државен чиновник, ништо повеќе од тоа. За разлика од тоа, кога си надвор и мораш да се бориш за себеси, стануваш покреативен, земајќи ги нештата во свои раце. Па така, секоја улога што ќе ја добиеш, ја играш како да ти е последна. Колку што е лошо од финансиски, толку е подобро од креативен аспект.
Имавме можност да те видиме и во „Солун, град на духови“ и во „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ на Слободан Унковски. Што означува за тебе работата со режисерско име од толку голем калибар?
Се разбира дека ми беше огромна чест да бидам дел од претставите на еден од најголемите театарски режисери на просторите на поранешна Југославија. Тоа беше огромно искуство, тоа беше и животна и актерска лекција. Токму во „Солун, град на духови“ пораснав како актер. По работата на двете претстави на Слободан Унковски, се чувствувам како да сум завршил две години магистратура.
Морам да ти кажам дека пред да ја погледнам „Црнила Remix“ на Симонов, не ни сонував дека некогаш ќе ги ставам поимите Чашуле и хипхоп во иста реченица 😊 Какво искуство беше таа претстава за тебе?
Да, преку тој подвиг да направиме рап мјузикл, практично сите влеговме во непознати води. Со помош на Даре и Паки од „Зад аголот“ кои нè воведоа и ни помогнаа во градење на перформансот, успеавме да го „свариме“ тој начин на кажување текст. Прашањето беше дали сакаме крајниот резултат повеќе да наликува на претстава или на концерт. На крајот се одлучивме да правиме и претстава и концерт, во зависност од тоа каде играме. Иако скоро сите од екипата сме музикални, беше тешко, но интересно. Со „Црнила Remix“ бевме и на Exit, во Дојран, настапувавме во клубот Мочвара во Загреб, а на 8 февруари ќе имаме концертна промоција на албумот „Црнила Remix“ на винил во МКЦ, па повелете.
Можеш ли да сумираш што ти дава, а што ти одзема актерството?
Ми дава животна енергија бидејќи ја работам работата што ја сакам најмногу на светот. Ми дава можност да се истражувам себеси преку откривањето на спецификите на секакви човечки карактери. Ми дава можност за игра. Ме направи подобар човек. Што ми одзема? Многу време од животот (ха-ха). Но, времето што го поминувам на проба или снимање, за мене е драгоцено и секогаш се трудам да го изживеам максимално.
За крај, што ти претстои на професионален план?
Сега работам на нешто што многу ќе ја привлече публиката бидејќи се занимава со тема што нè засега сите и е многу актуелна. Текстот е на познат македонски автор и мислам дека за нешто повеќе од месец, кога ќе го завршиме, ќе одекне мошне силно.