На Инстаграм веќе некое време се воодушевуваме на профилот „Жителите од парк“, што во полн сјај ни ја открива убавината на фауната застапена во нашето омилено место. Зад него стојат фотографот Велиан Јагев и мистериозниот „Глас на верверите“, кој ни се обраќа со прекрасни пораки од името на животинскиот свет застапен во скопскиот парк 🙂
Гледајќи ги фотографиите на „Жителите од парк“, многумина ќе се изненадат од разновидноста на фауната во Градскиот парк. Како настана идејата да ги претставите неговите животински видови во ваков интересен формат на социјална мрежа каква што е Инстаграм?
Сѐ започна случајно. Почнав да носам фотоапарат во Градскиот парк за да сликам птици како вежба. Фотографиите ги споделував со најблиските и на разни фотографски фејсбук-групи. Реакциите беа одлични, најмногу затоа што голем дел од луѓето воопшто не ги забележале сите овие животинки што живеат таму.
Моја пријателка секогаш ми повторуваше дека треба да ги поставам на Инстаграм и откако сфати дека нема тоа да го направам, се нафати таа. Така се „родија“ „Жителите од парк“ на Инстаграм. Јас сликам, таа споделува, најчесто со интересни факти за тоа животинче.
Каква е свеста на младите луѓе за потребата од заштита и грижа за животните, според вас?
Кај дел е голема, кај другите, за жал, не постои. Социјалните мрежи се преплавени со апели и со страшни приказни за малтретирање животни, паркот е преплавен со ѓубре и со скршени стакла од седенките на младите, заборавајќи дека тоа е нечиј дом.
Велиан, дали може да се каже дека фотографирањето животни ти е посебна страст? Како се подготвуваш, дали претходно истражуваш пред да ги фотографираш?
Фотографирањето животни ми претставува посебна страст. Многу време и средства инвестирав во тоа. Подготовките се состојат од посета на локации, што е некој вид извидница. Се набљудува како се осветлени, дали има пристап до нив, каква опрема во тој одреден момент треба да се користи, а бара и многу трпение за да се „појават“. Важно е да се знае и нешто за животните, затоа што нивното однесување зависи од периодот во годината.
Кое е животното до чија фотографија најтешко си стигнал? Од досега фотографираните животни, кoе се издвојува како најпосебен жител на Градскиот парк и зошто?
Сите претставуваат предизвик, но би го издвоил рибарчето, затоа што најмногу ме има истрчано. Тоа е една од најубавите птици во Македонија. Уживам да го набљудувам додека прави летечки лудории ниско над водата.
Бидејќи често се движите и ги истражувате тие 454.413 м² што ги зафаќа паркот, што мислите дека му недостасува, што уште треба да се направи за „белите дробови“ на градот?
Треба уште паркови. Градскиот парк е едноставно премал за да ја исполни задачата на бели дробови на градот. Потребни се далеку поголеми површини за тоа. Сега паркот е преплавен со посетители и недоволно корпи за отпадоци. Не го чуваме доволно ни ова што го имаме.