Всушност, ноември е месецот кога во Барселона доаѓаат најмал број туристи, главно поради падот на температурите, иако мора да се каже дека дури и тогаш нивниот број е значително поголем споредено со другите туристички градови во Европа. Ноември е меѓупериод бидејќи туристите што веќе решиле да патуваат во Барселона на пониски температури, ќе го чекаат божикниот период. Ако решите да дојдете во септември или во октомври, ќе го фатите празникот La Mercé, кога целиот град блеска од огномети, украси, музика и храна. За многумина, викендот на La Mercé е најдобриот за посета на Шпанија.
Веќе помина и Денот на сите светци (Задушница) кога се одржува фамозната La Castanyada (Костенијада), период во кој каталонските семејства се собираат за да јадат костени, печени слатки компири и панелети (слатки од марципан), со чаша вкусно вино москател. Панелетите, всушност, се понада за мртвите и ја симболизираат комуникацијата со нивните души. Можете да ги најдете во речиси секоја слаткарница во Барселона и тогаш ќе сфатите зошто каталонците толку многу ги сакаат. Ако прошетате низ Барселона во ноември, ќе ги видите многубројните штандови со костени и со сладок компир и ќе посакате да ги загреете рацете со овие свежо печени деликатеси. Ако одите во La Boqueria или на кој било друг пазар за храна во Барселона, во ноември ќе ги забележите купиштата свежо набрани печурки, меѓу кои најпопуларни се Rovellons. Ако седнете во некој од рестораните, сигурно ќе начекате некој специјалитет со овие печурки, бидејќи ноември е баш нивно време.
Во тек е 52-то издание на Voll-Dam Festival de Jazz, кој важи за еден од најважните фестивали од ваков вид во светот. Познат е по фестивалската програма, која секогаш вклучува славни џез-имиња споени со изведувачи што допрва доаѓаат на светската џез-сцена. До крајот на ноември, Барселона ќе дише во ритамот на џезот, без оглед на ситуацијата.
Што се однесува до туристичките атракции, ноември во нормални времиња е веројатно најдобриот месец да се посети ремек-делото на Гауди, Sagrada Familia. Тогаш огромниот бран туристи што ја заплискува прочуената катедрала е веќе стивнат, па може сосема смирено да се разгледаат нејзините воодушевувачки кули. Не треба да ги заборавиме и другите чуда на модернизмот или каталонскиот art nouveau. Своја трага низ архитектонското наследство на градот, освен Гауди, оставиле и Доменек-и-Монтанер и Пуч-и-Кадафалк, така што можете да уживате во преубавите фасади ако ја посетите Палатата на каталонската музика, болницата Сант Пау и Каза Арматлер.
Есента сепак е најубава во парковите, а Барселона го има познатиот Parc de la Ciutadella, каде што можете да уживате во прошетката меѓу дрвјата што ги менуваат своите бои, да си направите пикник, да изнајмите чамец или едноставно да уживате во глетките.
Во нормални услови, но ноември би посакале да одите на Tapas & Flamenco, нели? Барселона е позната по тоа што го нуди ова искуство на типичната традиција што има свои корени и во Каталонија. Прво уживате во 40-минутен фламенко концерт, а потоа го вкусувате автентичниот деликатес… и, едноставно, заборавате на времето. Можете да залутате и во некоја од винските работилници и да дегустирате локално вино и сирење во друштво на сомелие што ќе ве запознае со мирисот и вкусот на каталонското вино, кое едно од најпотценетите, а сепак меѓу врвните вина во светот.
Кон средината на ноември во Барселона се одржува филозофски фестивал на неколку локации низ градот, па можете да уживате во интересни разговори, презентации, работилници или дебати. Не знаете каталонски? Во ред, тогаш можете да фатите некој филм од понудата на L’Alternativa Film Festival, кој вообичаено се случува во ноември.
Иако има многу време до Божик, ноември е месец кога веќе се чувствува божикниот дух во славниот каталонски град. Во текот на последната недела од ноември веќе се вклучуваат божикните светилки низ градот. Убав момент е и поставувањето на теренот за лизгање на Пласа де Каталуња. Ова е периодот од годината кога можете да се запознаете со Caganer – омилената фигура на каталонците – и да си земете „клекнат“ примерок од некоја позната личност.
Кој вели дека Барселона во ноември (во некои други времиња) е „тапа“?
Драган А.