Секоја година, мирисот на липите во Скопје совршено се синхронизира со одржувањето на OFFest. Исто како кога гледате убав филм. Звуците на напластената музичка традиција од целиот свет се изговорените реплики, а мирисот е преводот што оди на екранот. Уживањето приближно се движи во тој распон на емоции 🙂 Годинава, програмата е распространета во шест фестивалски дена, а OFFest се погрижи да уживаме во настапите на највозбудливите имиња од светската музика: велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita, нашиот Крсто Роџевски, Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, африканската дива Fatoumata Diawara, неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот дувачки оркестар… Вечерва настапуваат либанската група Love and revenge, а ќе ја слушаме и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo. OFFest ќе заврши утре со ексклузивен полноќен диџеј-сет на DADDY G од Massive Attack. Има уште нешто што е заштитен знак на секое издание на OFFest 🙂 Тоа се лицата што ги среќавате на фестивалот и енергијата со која го „напојуваат“ секое случување во неговите рамки, придонесувајќи оваа музичка традиција да опстане и покрај сè.