Френсис МекДорманд како Милдред Хејс во „Три билборди пред Ебинг, Мисури“
Мајка што ѝ објавува војна на локалната полиција откако тие не успеваат да го фатат силувачот и убиецот на нејзината ќерка. Маестралното возење по тенката линија на црниот хумор и драмата. Френсис овде нè носи до високата точка на смеење за да веднаш потоа нè спушти во солзи, додека нејзиниот длабоко емотивен но ненаметлив природен перформанс одигран со леснотија, нè потсетува зашто оваа актерка има 2 Оскара.
Адел Екзаркополус како Адел во „Сината е најтоплата боја“
Веројатно ова е еден од филмовите што сум ги гледала многупати, само поради сировата глума на Адел. Бев фасцинирана од спонтаноста и органичноста на нејзиниот актерски израз. Не знам дали некогаш успеа да ја надмине оваа улога, можеби поради тоа што се игра самата себе во филмот, но сепак го земам овој перформанс како модел и пример за она „зборување со очи“.
Марион Котијар како Едит Пјаф во „La Vie en Rose“
Сепак, најголемата фасцинација кај актерките ми е нивото на трансформација што може да ја направат на филм. Марион ја игра Пјаф од нејзините 19-ти до нејзините 47 години. Секоја фаза од животот на Едит, Марион ја игра многу уверливо, со динамика и милост. Во текот на филмот ние го следиме стареењето и емоционалните кршења на Пјаф и Марион е многу точна во тоа како и во постановката на телото, гестикулациите и пеењето. Она што е најтешко за глумење, староста, таа го прави многу уверливо и не претерано! Таа игра баш така како и секој болен и стар човек што би се однесувал, а тоа е глумење млад!
Лив Улман како Елизабет Воглер во „Персона“
Елизабет Воглер е актерка што престанува да зборува, таа секој ден е на терапија со медицинската сестра Алма. Во целиот филм Елизабет речиси не прозборува ниеден збор, додека сестрата и ги раскажува сите нејзини искуства и случки низ животот. Она што мене ме инспирира од перформансот на Лив е нејзината присутност, начинот на кој таа слуша и реагира, без збор, а сепак знам што чувствува.
Камка Тоциновски како Марика во „Три дена во септември“
Кога барам нешто со кое можам да се идентификувам е секогаш прво македонски лик во филм, затоа ја избирам Марика како улога на Камка во која се угледувам. Камка ја носи целата улога со леснотија, успева да ме изнасмее ама понекогаш ме фаќа и страв од неа. Добро напишаниот, обработениот и изнесен лик во македонски филм секогаш ме мотивира и ми влева надеж.
насловна фотографија: Ерина Богоева