Наоѓајќи инспирација од различни аспекти од традиционални музики што доаѓаат од Африка, Бали, Јемен, еврејската музика, како и класична музика од ХVIII век, Дебиси, џез-музиката, етно и ритуална музика, вклучувајќи и музички случајности што се случуваат кога некој користи електронска опрема како магнетофони и семплери, во текот на својата долга кариера создавал различни музички модели со кои западната музика ја носел напред. Рајш е еден од најистакнатите композитори што се дел од тоа што се нарекува минимализам, односно таа школа на класична композиција. Заедно со Филип Глас, Тери Рајли и Ла Монте Јанг го сочинуваат јадрото на овој правец.
Минимализмот имал огромно влијание врз современите текови, кој длабоко го протресол музичкиот свет во доцните 60-ти и на почетокот на 70-тите. На почетокот на 70-тите веќе тоа влијание може да се почувствува во светот на рок-музиката со „Dark Side of the Moon“ од „Пинк Флојд“ и „Tubular Bells“ на Мајк Олдфилд. Рајш бил дел од групата на Тери Рајли кога се изведувало првото минимално дело „In C“, кое потоа го инспирирало да започне со експерименти со електронска музика во 60-тите, нешто што подоцна ќе влијае врз делата на Брајан Ино со амбиенталната музика (најевидентно на „Discreet Music“ и „Music for Airports“), рап-музиката, познатите албуми на Боуви од берлинската трилогија „Low“ и „Heroes“, како и на амбиент хаус правецот предводени од „The Orb“.
Разговорот што го имавме главно се базираше на ефектот што пандемијата во 2020 година го имаше врз него и неговата работа, вклучувајќи го и новото дело „Traveler’s Prayer“, чија премиера беше поместена од 2020-та за есента 2021 и 2022 година. Ова дело се базира на еврејска молитва, која патниците обично ја кажуваат пред патување. Исто така, тоа го симболизира и патот што една личност го минува од раѓање до смрт и за композиторот претставува размислување за својата смртност. Но, во пандемијата ова дело доби едно пошироко значење и поинаква димензија во овие мрачни и конфузни времиња.
Од друга страна, морав да го прашам за „Music For 18 Musicians“, кое се смета за едно од оние големи современи класични дела што луѓето со секоја нова генерација ќе ги откриваат одново и одново и чија популарност не замира. Тоа е неговото најпознато дело во опус што е полн со прекрасни дела. За првпат било објавено од „ЕСМ“ во далечната 1978 година и беше реиздадено и повторно снимено од неговата сегашна куќа „Nonesuch“. Тоа е мошне сложено, слоевито и ритмички суптилно дело, каде што доминира постојаниот пулс што е карактеристичен за раниот минимализам, но сепак е голем исчекор во однос на сѐ претходно. Како резултат, делото има поголема софистицираност и естетика, која е сосема поинаква од естетиката што била воспоставена од претходните генерации.
Помина една година откако започна пандемијата и ги промени нашите животи. На кој начин овој конфузен и мрачен период влијаеше врз Вас и Вашата работа?
Па, ќе ви раскажам една приказна. Зборував со еден пријател бргу откако започна пандемијата пред една година. Зборував со некои луѓе на телефон во Шведска и ми рекоа дека неодамна гледале цртан филм, каде што кај првата графа пишувало „Композиторот на работа“, а вториот панел велел „Композиторот на работа за време на пандемија“ – и двата цртежа биле идентични. Во основа, како и композиторот, најдобриот начин да се соочи некој со пандемија е да продолжи да работи односно да компонира и токму тоа и го правев, како и другите што правеа. Се разбира, штом завршив со компонирањето, тоа парче музика нема да се изведува бидејќи сите концерти се откажани. Затоа, од таа страна, ситуацијата е сосема нормална, додека што се однесува на изведбите, имаме комплетно ненормална ситуација, која сега веројатно почнува да се менува со вакцинирањето. За мене таква беше ситуацијата како композитор и не ми пречеше. Инаку, во секојдневниот живот порачуваме намирници, кои ви ги испорачуваат или одите до продавница каде што ви ги ставаат во багажникот. Тука се и бескрајните интервјуа преку апликацијата Zoom, а вие не сте во можност да се видите со пријателите, па дури ни со семејството, освен на компјутерскиот екран. Ова не е добро. Мислам, подобро е што имаме можност да го правиме тоа, но не до точка каде што тоа ќе стане замена за вистински контакт со луѓето. Ова очигледно не е добро.
За време на пандемијата, визуелните уметности и музиката на некаков начин станаа „надворешен свет“ за нас. Каде Вие ја гледате вредноста на музиката и на уметностите во овие сложени и вознемирувачки времиња?
Тоа што го слушаме и гледаме се аудио и видеоснимки. Тоа се прекрасни работи, но не е исто како одење на концерт. Кога одите на концерт, луѓето сакаат да видат други луѓе како свират музика. Едноставно така е напишано во нашата ДНК. Така е во мојата, во вашата, така е кај сите. Различни луѓе сакаат различни типови музика, но сакаат да видат како луѓето создаваат музика. И тоа е тоа што навистина недостасува. Затоа имаме различни видови замена од типот „моите пандемски хитови“ односно хитови што можат да бидат изведени од еден или од двајца луѓе. Едно дело како „Clapping Music“ може да се изведе преку Zoom или стриминг. Денес сѐ е стриминг. Повеќе нема концерти и наместо тоа имаме стриминг. Сите „Counterpoint“ дела како „Electric Counterpoint“, „Vermont Counterpoint“, „New York Counterpoint“ каде што имате еден солист наспроти снимките – сите тие се совршени за пандемијава. И драго ми е да видам дека делата се изведуваат, бидејќи тоа се добри дела. Но, сето ова е само сведоштво за тоа што ни се случи, музички кажано. Пандемијата, во смисла на нормално создавање музика, е катастрофа.
Дали пандемијата инспирираше нова музика? Во минатото Вие создававте музика инспирирана од колективни трауми како WTC 9/11 (заедно со Кронос квартетот), дело кое оваа 2021 година ќе има своја 10-годишнина, и „Daniel Variations“. Дали периодот поминат во изолација изнедри нова музика?
Пред пандемијата работев на дело што се вика „Traveler’s Prayer“. Кај еврејскиот молитвеник постои молитва за патникот, која ја кажувате кога се наоѓате во авион или заминувате на долг пат. Јас не ја измислив таа молитва. Постојат дополнителни стихови што се поврзани со неа. Мојата верзија ја зедов од Библијата. Го започнав делото пред пандемијата и идејата не беше толку за патувањето, иако многу патувам. Стануваше збор за еден вид патување на кое патуваме како луѓе од раѓање до смрт. И иако имам 84 години, некако е природно за мене да размислувам на овој начин повеќе отколку кога имав 24. Го започнав ова дело кое е лично, какви што се сите дела, и нема некое јавно значење. Но, како што се појави пандемијата и ситуацијата се влошуваше, тогаш се промени контекстот на тоа на што веќе работев. Го пишував ова дело што се однесуваше на тоа дека на планетава сме патници од раѓање па сѐ до смртта, но луѓето умираа во огромни бројки и тоа не беше нормална ситуација. И така, тоа направи да почувствувам дека важноста на делото беше можеби поголема, не само поради моите лични чувства дека станувам постар, туку дека патниците на Земјата го прекинуваа своето патување порано од очекуваното. Делото започна од лични побуди, но пандемијата го промени контекстот на чувството од тоа дело и ме натера да го направам ова дело како што треба, да не погрешам некаде. Се надевам дека не сум. Но, наскоро ќе биде премиерно изведено во Европа и во САД.
Како гледате на „Music for 18 Musicians“ и ефектот што тоа го имаше?
– Tоа имаше многу голем ефект. Станав многу повеќе познат, се бараше од мене да создавам многу нови дела и мојот ансамбл во тоа време беше многу, многу активен. Имавме многу настапи со тоа дело низ целиот свет. Подобро би било кога другите би зборувале за него. Тоа беше многу важно за мене додека го пишував и ефектот што тоа го имаше врз мојот живот беше многу важен во тоа време. Тоа допре до публика што сакав да ја допрам. Кога бев дете, кратко учев пијано, но потоа почнав да учам перкусии т.е. да свирам тапани. Бев голем љубител на џез-музиката односно на Мајлс Дејвис и на тапанарот Кени Кларк, а подоцна и на Џон Колтрејн, кои беа многу важни за мене и претпоставувам без да се обидувам да пишувам џез-композиции напишав една, барем така гледав на ова. Во суштина, не се обидувате да ги правите тие работи, едноставно го пишувате делото бидејќи вие сте тоа што сте. Кога ја слушате музиката, тоа што сте го слушале и сакале, ќе излезе на површината. Не морате да се обидувате. Тоа ќе излезе без разлика дали ви се допаѓа или не. И тоа допре до публика до која сакав да допрам, а тоа беа „луѓе што слушаа класична музика, луѓе што слушаа џез и луѓе што слушаа world music од Бали или од Африка или од некое друго место и тоа ми донесе големо задоволство. Порано додека постоеја продавниците за музика пред дигиталната револуција, вицот беше каде да се стави „Music for 18 Musicians“? Еден дел во одделот за класична музика, другиот дел во џез-одделот, а третиот е одделот за world music. Но, се разбира, пулсот е една од најважните компоненти во оваа музика.
Колку е важен пулсот во Вашата музика? Тој се провлекува низ многу Ваши дела.
Тешко е да се замисли денешната музика без тој елемент, но во времето кога студирав, главната музика во академските кругови беа делата на Штокхаусен, Кејџ, Булез и Берио, кои беа антипулсирачки. Многу работи им недостасуваа. Дури немаа ни регуларен ритам. Самиот сфатив дека, ако сакам да создадам некаква емотивна резонанца барем за себеси, тогаш морав да го ставам пулсот во својата музика. Ги слушав Бах, Колтрејн, Стравински, незападна музика, кои имаа пулс во својата музика, па дури и „In C“ на Тери Рајли и тоа ме инспирираше да почнам да компонирам со кратки мелодиски патерни, нешто што беше сосема спротивно од тоа на Штокхаусен. Меѓутоа, се покажа дека тоа е историска одлука. Чувството на пулс е основна музичка карактеристика во сите мои композиции.
Претходно спомнавте неколку џез-имиња какви што се Мајлс Дејвис и Џон Колтрејн. Колку е важна оваа музика за Вас и колкаво е нејзиното влијание врз Вашата работа. Кон крајот на 80-тите дури и соработувавте со Пет Метини на „Electric Counterpoint“.
Тоа со Метини се случи многу подоцна. Бевме во исто време и дел од истата издавачка куќа „ЕСМ“, но го контактиравме подоцна за соработка што испадна со „Electric Counterpoint“. Многу често класичните гитаристи ми кажуваа дека моите дела би звучеле добро на гитара и прво го прашав Метини за совет за пристап.
Но, јас сум некој кој, што се однесува до популарна музика, наместо рокенрол слушал Чарли Паркер, Мајлс Дејвис и Колтрејн. Колтрејн веројатно го имав слушано едно 40 или 50 пати. Тоа беше периодот со модален џез, а еднаш го слушав и како настапува со Ерик Долфи. Во тоа време и Тери Рајли го слушаше него. Колтрејн ни беше музички херој на сите нас. Мислам дека сѐ што имав напишано до делото „Drumming“, немаше да звучи така како што звучеше да не беа луѓето како Кени Кларк, Мајлс и Колтрејн.
Вие сте автор што никогаш не лежи на ловорики и секогаш се трудел да создаде нешто ново. Дали можете да го опишете моментот што Ве придвижува секогаш да чекорите напред?
Ова е нешто што сакам да го правам повеќе од што било, сѐ до моментот кога нема да можам да го правам ова. И мислам дека најважната работа е дека композиторите мора да се истрајни. Дали некогаш сте слушнале за композитор што се пензионирал?
Ненад Георгиевски
Насловна фотографија: Jean-Baptiste Millot / Qobuz