Важноста на парковите во градските средини особено дојде до израз во последните две години кога светот го зафати најсериозната глобална здравствена криза во историјата – пандемијата со ковид-19. Во чест на светскиот ден на планетата Земја, им посветуваме внимание на пет прекрасни паркови во поголемите светски урбани центри. Притоа, намерно ги тргнавме настрана најпрочуените паркови бидејќи за нив е пишувано многу и веќе им се добро познати на сите.
Ибирапуера, Сао Паоло
Визијата за паркот Ибирапуера во Сао Паоло била изградена од светски познатиот бразилски архитект Оскар Нимејер и архитектот Роберто Бурл Маркс. Паркот е отворен во 1954 година. Нимејер ги дизајнирал објектите што се заштитен знак на овој простор, какви што се планетариумот во форма на летечка чинија и аудиториумот Ибирапуера. Во близина на езерцето, секоја недела посетителите можат да уживаат додека се сончаат и читаат книга или списание позајмено од библиотеката на паркот. Во неделните утра исто така можат да уживаат во специјалните концерти на Praça da Paz или, пак, да го посетат Музејот на современата уметност што се наоѓа во склоп на паркот. Поради големината од повеќе од 200 хектари, Ибирапуера често се споредува со њујоршкиот Централ парк.
The High Line, Њујорк
Ова иновативно место е врвен чин на урбана обнова преку трансформирање на напуштената железничка линија на западната страна на Менхетн во јавен парк. The High Line бил редизајниран во жив систем и во себе вклучува неколку дисциплини какви што се пејзажната архитектура, урбаниот дизајн и екологијата. Од неговото отворање во јуни 2009, овој парк се претворил во симбол на современата пејзажна архитектура. Како инспирација за изградба на паркот послужил сличниот проект Promenade plantée во Париз од 1993 година. Уметниците особено го сакаат овој парк бидејќи во него гледаат погодна локација за изложување на своите инсталации и уметнички дела. За кратко време тој успеа да се претвори во туристичка атракција што го поттикна урбаниот развој во соседните области, а веќе во 2019 година успеа да привлече 8 милиони посетители годишно.
Паркот Уено, Токио
Замислете повеќе од илјада јапонски цреши што напролет цветаат во должина на главната патека на паркот. Тоа е спектакуларната глетка што ја нуди паркот Уено во јапонскиот главен град. Освен тоа, овде можат да се видат огромни панди бидејќи во склоп на паркот има прекрасна зоолошка градина. На местото на паркот порано имало храм, па и денес сѐ уште можат да се забележат остатоците од поранешните светилишта и пагоди. При посетата на паркот Уено, задолжително треба да се одвојат неколку часови за да се посети и токискиот Национален музеј, кој изобилува со разновидни колекции на текстил, керамика, оружје, но и слики, скулптури и калиграфија.
Regent’s Park, Лондон
Оваа зелена оаза е распространета на околу 166 хектари и на посетителите им нуди одлични места за пикник, прекрасни патеки, канал за кајакари, отворена сцена за перформанси, кафулиња, спортски терени, зоолошка градина… Во северниот дел од паркот се наоѓа Лондонската зоолошка градина и Зоолошкото друштво на Лондон. Паркот е дом на прекрасни цветни градини, а меѓу нив најпознати се градините на кралицата Мери, како и италијанските градини. Посебно популарен е ридот Primrose Hill, кој претставува отворен простор со прекрасна глетка на централен Лондон.
Паркот Лупини, Бангкок
Ако го започнете утрото во овој парк, ќе ги забележите локалните жители што вежбаат таи-чи и полека почнуваат со својата дневна рутина. Паркот има прекрасни патеки за прошетка, езерце во кое можат да се изнајмат педалинки, како и многу продавачи на локална храна. Лумпини е место во кое може да се доживее вистински зен среде урбаната џунгла на Бангкок. Патеките околу паркот имаат приближна должина од 2,5 километри и се омилена локација на луѓето што сакаат да трчаат. Официјално, возењето велосипед е дозволено во текот на денот помеѓу 10 и 15 часот.
Драган А.