Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ по четврти пат ни ја дава можноста да ѕирнеме во музичките ризници од сите светски меридијани и континенти, и освен нивниот богат звук, да ги слушнеме и нивните приказни.
„Фестивалот е обединувачката платформа каде што се застапени повеќе содржини и компоненти преку филмската програма. Тој нема натпреварувачки карактер, односно изборот на филмови не се прави само од понова продукција, туку се селектираат филмови од најразлични години на продукција, земји и автори, со цел да се прикаже ширината и богатството на музиката и светот што таа го инспирира или кој е инспириран од неа“ – Ненад Георгиевски, директор на фестивалот
„Скопје синема сити“ започнува на 6 јуни во Кинотеката на Македонија, со премиерното прикажување на филмот „Кода“ на Стивен Номура Шибле за познатиот музичар Руичи Сакамото. Шибле (кој се потпишува и на документарниот филм „Eric Clapton: The Sessions of Robert Johnson“) го направил овој фасцинантен филм по пет години следење на Сакамото ширум светот, снимајќи го во најразлични ситуации.
Наместо бомбастичен портрет или панорамски поглед на неговата богата и разнолична кариера, филмот „Кода“ овозможува пристап во „внатрешното светилиште“ на легендарниот Сакамото. Интересно е што овој филм не го следи вообичаениот биографски наратив, туку креира портрет на големиот артист во сегашната точка од неговата кариера, како и на елементите и суштината што го прават Сакамото и голем артист, и голем човек.
„Сакав да направам интимен портрет на Сакамото како уметник и личност што размислува за многу поголеми прашања што нè опкружуваат во денешни времиња. Сакав да направам искрен филм што ќе ја кажува вистината, филм што ќе биде едноставен, а сепак длабоко трогателен“ – Стивен Номура Шибле
Филмот фрла поглед на различни делови од неговата кариера, како што се „Yellow Magic Orchestra“, работата на музиката за филмот на Бертолучи – „Последниот император“ што му донесе Оскар и Греми, како и за музиката од филмот „Повратник“ на Алехандро Ињариту.
Четвртото издание на „Скопје синема сити“ ни го носи и новиот филм за феноменот на кубанската музика што го освои целиот свет „Buena Vista Social Club: Adios“ на Луси Вокер. 16 години по успешниот документарен филм од 1999 година – „Buena Vista Social Club“ на Вим Вендерс, ова своевидно продолжение ги следи петте оригинални членови на групата на нивната последна турнеја што завршува во нивниот роден град Хавана. Филмот е носталгично присетување на подемите и на падовите во долгата кариера на „Buena Vista Social Club“ преку серија интервјуа со последните живи членови на групата (Рубен Гонзалес, Ибрахим Ферер, Омара Портуондо), испреплетени со архивски материјали со биографска, политичка и со историска заднина.
Филмот „Ханса крај ѕидот: 1976-90“ беше премиерно прикажан на Скај артс на 10 јануари оваа година, т.е. на годишнината од смртта на Дејвид Боуви. Студиото „Ханса“ во Берлин некогаш било познато како „локација на работ на западната цивилизација“ бидејќи се наоѓало крај самиот Берлински ѕид во времето на Студената војна во поделениот Берлин. Ова студио изнедрило многу изданија и приказни – тука Боуви ги снимил изданијата „Low“ и „Heroes“ од познатата Берлинска фаза, Иги Поп ги снимил „The Idiot“ и „Lust for Life“. По успесите на овие изданија, студиото се здобило со меѓународна репутација за потоа да следуваат многу изданија меѓу кои и култните изданија на Nick Cave and the Bad Seeds, Depeche Mode, Einsturzende Neubauten, REM и U2, кои тука го снимија антологискиот „Achtung Baby“. Филмот за „Ханса“ ги обединува сите овие приказни со главните протагонисти, кои раскажуваат детали за работата на ова легендарно место.
Покрај овие филмови, „Скопје синема сити“ ќе ни понуди и омаж на еден од највлијателните музичари на 20 век, добитникот на Оскар за најдобра музика за филмот „Тhe Truman Show“ – Филип Глас.