PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Режисериште#3 – Орсон Велс: Магионичарот од радиото, театарот и филмот

popup by popup
мај 28, 2018
in Филм
0
399
СПОДЕЛУВАЊА
2.3k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

Тој бил актер и на радио, и на филм, а и на штиците што живот значат. Бил и магионичар што приредувал вариете шоуа за подигнување на моралот на американските војници во Втората светска војна. Но, она по што е најмногу запаметен – тоа е режијата.

Имено, во 2002 година, во две анкети на Британскиот филмски институт спроведени помеѓу режисери и критичари, Орсон Велс двапати бил изгласан за најдобар режисер на сите времиња. Неговиот режисерски стил опфаќа слоевити и нелинеарни наративни форми, користење на светлосната техника „кјароскуро“ (силен контраст меѓу светлината и темнината), длабок фокус и долги сцени. Велс имал импозантна фигура, висок околу 188 сантиметри, а тежок повеќе од сто килограми, со огромен апетит за добра храна, пиење и пури. Бил гласен и забавен, а неговиот живот бил преполн со авантури кои прераскажани, изобилувале со спорни детали делумно поради навиката да придодава сочни измислици на своите приказни, а делумно поради тоа што заслугите за неговите достигнувања претставуваат предмет на голема контроверзност.

Роден е во Кеноша, Висконсин, пред 103 години, со голем актерски и писателски талент. Школувањето го прекинал на 15 години, а на 16 веќе глумел сериозни театарски улоги. Веќе на 18 години уредувал и илустрирал претстави од Шекспир, а на 19-годишна возраст се појавил на Бродвеј во претставата „Ромео и Јулија“. На 22 години ја основал својата актерска компанија „The Mercury Theater“, чиј најголем успех е иновативната адаптација на Шекспировата драма „Јулиј Цезар“ со Велс во улогата на Брут. „The Mercury Theater“ кратко потоа се сели на радио со драматизација на романи и приказни, меѓу кои е легендарната „Војна на световите“ од Херберт Џорџ Велс, направена на реалистичен начин, со користење на радиото за покривање во живо на „нападот на Марсовците врз Њу Џерси“. Емитувањето предизвикало масовна паника меѓу населението, но и со сигурност го етаблирало Орсон Велс во редот на истакнатите и славни драматурзи.

Неговиот филм „Граѓанинот Кејн“ ја одбележува новата ера во филмската историја и многукратно е вбројуван во листата на најдобри филмови на сите времиња поради исклучителната кинематографија, музиката, монтажата и раскажувачката структура, што во тоа време се сметале за иновативни и револуционерни. Овој филм е квазибиографски приказ на животот на Чарлс Фостер Кејн, фиктивен лик за кој се смета дека е базиран на магнатот во издавачкиот бизнис, Вилијам Рандолф Херст. Приказната во филмот е раскажана преку истражувачката сторија на еден репортер, кој сака да ја реши мистеријата на последниот збор што магнатот го изговара на својата смртна постела: Rosebud. Херст забранил да се спомнува филмот во кој било од неговите весници, бидејќи кариерата на главниот лик во издавачкиот свет е претставена како бескрупулозна борба за моќ и богатство. Успехот на „Граѓанинот Кејн“ брзо бил фрлен во сенка поради војната што му била објавена на Велс од издавачката империја на Херст. Клучот на мистеријата Rosebud во филмот е претставен како детска санка, која режисерот Стивен Спилберг подоцна ќе ја купи за 55.000 долари. (Но, во реалноста, Велс тврдел дека Херст го нарекувал Rosebud клиторисот на својата сопруга, па игнорирањето на магнатот на најдобриот филм на сите времиња, тука веќе станува повеќе од јасно).

Следниот филм на Орсон Велс „The Magnificent Ambersons“ можеби ќе бил и подобар од „Граѓанинот Кејн“, ако не се појавеле проблемите со монтажата, поради тоа што Велс во тоа време престојувал во Јужна Америка и не можел да работи на филмот. Остатокот од животот Орсон Велс го поминал неуморно крстосувајќи го светот, глумејќи на театарски сцени, на големото платно и на телевизија. Како режисер-актер, успеал да ги направи „Макбет“, „Отело“ и „Полноќни ѕвона“ (светот од гледна точка на Шекспировиот лик Фалстаф). Учествувал и во создавањето на т.н. филм ноар со филмовите: „Journey into Fear“ (1943), „The Lady from Shanghai“ (1948) и „Touch of Evil“ (1958).

Сè што допрел Велс со својата режија има одреден степен на брилијантност, иако константно му недостасувале пари и актери. Во меѓувреме, тој го прифаќал секој актерски ангажман за да си ги финансира сопствените филмови и да си ги плаќа даноците. По „Граѓанинот Кејн“, тој продуцирал многу филмови, но холивудските студија не го охрабрувале во неговата работа. Зад себе оставил многу недовршени филмови поради недостаток на финансии. Но не е вината само во Холивуд, туку напротив, Велс бил сметан за човек што ја изгубил способноста да го дозаврши трансформирањето на своите соништа во реалност. Во последните години од животот, Велс бил препознатлив како гласот од ТВ-реклами за вина и авионски компании. Дури и во тој период, тој сè уште сонувал за своето неостварено ремек-дело – филмот „Кралот Лир“. Тоа е последниот сон на Орсон Велс што никогаш не се остварил.

Tags: режисериштефилм
Previous Post

Журката со Dj Sirko Müller во Радио Бар (галерија)

Next Post

„Скопје синема сити“: Приказна за музиката

Next Post

„Скопје синема сити“: Приказна за музиката

Напишете коментар Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum