Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави: еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години – Дејвид Торн, како и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит.
Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува 10-годишнина од објавувањето на прославениот албум “The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос кој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез.
50-годишнината на ECM годинава се совпаѓа и со 50-годишнината на еден од најзначајните, највлијателните и најреволуционерните бендови на 20-от век – Art Ensemble of Chicago, кои, предводени од основачите Roscoe Mitchell и Don Moye, ќе го одбележат овој јубилеј со славеничка светска турнеја, чиј европски сегмент ќе финишира во Скопје.
Едновремено, норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке ќе ѝ го претстави на публиката на 38. Скопски џез фестивал својот исклучително интересен и оригинален проект Batagraf во едно специјално, ексклузивно издание.
И конечно, последниот фестивалски датум е резервиран за настапот на најпоетичниот пијанист на денешницата, норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и за концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре.
Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници Next To Silence и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM “Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата “Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година.
ПРОГРАМА
17 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
DAVID TORN (САД)
FRED FRITH TRIO (САД)
18 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
SOKRATIS SINOPOULOS QUARTET (Грција)
ANOUAR BRAHEM QUARTET (Тунис/Германија/Шведска/Либија)
24:00 Клуб Епицентар
NICOLA CONTE dj set (Италија)
19 OКТОМВРИ
20:00 Македонска опера и балет
JON BALKE BATAGRAF (Норвешка)
ART ENSEMBLE OF CHICAGO (САД)
24:00 МКЦ Дансинг сала
DŽIJAN EMIN & THE MAGICAL ORCHESTRA (Македонија)
20 OКТОМВРИ
18:00 МКЦ Кино Фросина
JOELLE LEANDRE (Франција)
20:00 Македонска опера и балет
TORD GUSTAVSEN TRIO (Норвешка)
JAMES BRANDON LEWIS UNRULY QUINTET (САД)
ПРОГРАМА ПЛУС
15 ОКТОМВРИ, МКЦ Клуб и ресторан
20:00 | Награда „Златен орикс“ за најдобар млад џез музичар во 2019
16 ОКТОМВРИ, МКЦ Кино Фросина
20:00 | SOUNDS AND SILENCE: Travels With Manfred Eicher – документарен филм
22:00 | NEXT TO SILENCE (Македонија)
17. ОКТОМВРИ, МКЦ Кино Фросина
14:00 | CLOUD ARRANGERS на Жига Коритник – презентација на книга
Сите детали околу програмата може да ги најдете на www.skopjejazzfest.com.mk или во програмскиот каталог на фестивалот https://bit.ly/2kO0ygP.
Инфо за билетите на http://www.skopjejazzfest.com.mk/bileti.asp