Да, онаа уметност, која и покрај сите преживеани перипетии и истрпени политички режими, некако си го наоѓа патот да го изложи сиот свој раскош и убавина пред окото на чистиот љубител на подвижните слики. Иако вниманието најчесто ни го окупираат современите изблици на кинематографијата, не сме заборавиле дека Македонија важи за родно место на балканскиот филм, благодарение на браќата Јанаки и Милтон Манаки, кои во 1905 (само 10 години по јавното прикажување на кратките филмови на браќата Лимиер во Париз) со нивната 35 мм филмска камера „Bioscope No.300“ ги направиле првите филмски снимки во поширокиот регион. И акција 🙂
Прошетката неминовно почнува од холот на Кинотека, каде што можете да ги видите старите модели камери но и „Златниот лав“ што во 1994 година Милчо Манчевски го освои за филмот „Пред дождот“, единствениот номиниран филм за Оскар од Македонија (не уште долго, се надеваме). Тука се и „Големата златна арена“ од 1986 за „Среќна нова ‘49“ на Столе Попов, „Големата сребрена арена“, од 1976 за „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо, „Златната птица“ од египетскиот Меѓународен фестивал за документарни и краткометражни филмови за филмот „Бериќет“ на Митко Панов.
Во Кинотека го видовме проекторот за 35 мм лента од 1906 или 1907, кој ѝ е дониран со посредство на актерката Лабина Митевска.
А тука е и проекторот за 9,5 мм лента од домашната колекција на Емил Рубен и неговиот брат.
Во Депоата за филмска документација, Филмскиот каталог и картотека, Депото за видео и дигитални материјали, наидовме на бесценети филмски артефакти, од типот на партитурите од „Мирно лето“, костимографските скици за „Жолтиот трендафил“, сценографските скици за „Јад“, албуми со работни фотографии од снимањето на првиот македонски филм „Фросина“, „Македонска крвава свадба“, „Мементо“, постери за огромен број прикажани филмови по македонските кина, сценарија за култните филмови, белешки…
Видовме и дека македонската долгометражна играна продукција на позитив филмска лента, како и краткометражната и долгометражна продукција на негатив филмска лента, се чуваат на строго контролирана температура и влажност на воздухот. Поновите филмови се зачувуваат во дигитална форма, а тоа ни се виде некако премногу обично бидејќи сме му современици 🙂
Искрено, си заминавме со проширени сознанија за Кинотека, која најчесто ја доживувавме едноставно како киносала во која се реализираат филмски фестивали и со огромен ентузијазам се прават фантастичен број филмски недели од целокупната светска кинематографија. Си заминавме и со желбата наскоро да ја видиме модернизирана, обновена и во чекор со светските текови, нешто што му доликува на храмот на македонската филмска уметност.