За „татко на кинбакуто“ се смета Сеиу Ито, кој започнал да ја истражува хоџоџуцу – уметноста на врзување воени затвореници, притоа црпејќи инспирација од други уметнички форми како што е кабуки театарот. Кинбаку стекнува популарност во 50-тите години од минатиот век преку списанијата „Китан клуб“ и „Јомикири романс“, кои го објавиле првите голи бондаж фотографии. Денеска, посебно на Западот, уметноста на еротското врзување се нарекува шибари и претставува уметност на еротска духовност, а не боречка вештина.
Шибари креира геометриски форми и облици, кои создаваат убав контраст со природните криви на човечкото тело. Јажето и неговата текстура овозможуваат контраст со нежната кожа и облините на телото. Во шибари уметноста, моделот е платното, а јажето е бојата и четката. Оваа уметничка практика има неколку различни форми: „поврзувачкото јаже“ што понира во интимноста, „артистичкото јаже“ што e зависно од естетиката и „убавината на страдањето“ при која субјектот се мести во изобличени позиции што треба да предизвикаат контролирани реакции.
Шибари е деликатна уметност, која има моќ да биде нежна и убава и строга и сурова, во зависност од желбите на оној што ја практикува. Централната точка на делото „Нежно распаѓање“ (A tender dissolution) на уметникот Арон МекПолин е градењето доверба. Според него, клучната цел што треба да ја развие уметникот на неговото патување низ „просторот на јажето“, е да постигне неговиот субјект да чувствува состојба на потполна опуштеност и блаженство.
Се разбира, во тој процес, субјектот поминува низ неколку консензуални препреки, за на крајот да престане да ја контролира средината во која се наоѓа. Јажето ја презема улогата на гласник во ова патување од еден умствен склоп до друг, при што шибари ја намалува анксиозноста, депресијата и ја зголемува менталната добросостојба дури и недели подоцна.
Шибари бара години на посветеност и вежбање, а самото јаже станува предмет на голема почит. Во создавањето на делото „Нежно распаѓање“ користено е јутено јаже, горено и потопено во пчелин восок и масло од камелија, печено бавно во неколку наврати, сè до моментот додека не се направи нежно, но цврсто јаже за врзување. Грижата кон субјектот се совпаѓа со грижата кон јажето, која за артистот има обредна, церемонијална димензија. Кога се изведува шибари, треба да се создаде уникатна доверба, почит и подробно разбирање еден кон друг.
(A Tender Dissolution – Aaron McPolin)