Овие уреди нè водат низ вистинскиот свет, одговараат на нашите прашања, ни даваат совети и ни прават друштво ден и ноќ. Гледаме во нив, ги допираме и им зборуваме речиси со доза на интимност. Признанието на овие факти ја инспирирало уметницата Марија Мавропулу да ги набљудува овие направи од сосема поинаква перспектива. Во својата серија фотографии, таа креира портрети на уреди, преиначувајќи го односот субјект-објект. Информацијата, забавата, човечките односи се достапни насекаде и во секое време, прекинувајќи ја физичката врска со реалноста што нè опкружува.
Комуникацијата не била никогаш полесна од онаа во денешно време. Социјалните мрежи и безбројните апликации се направени за да ѝ служат на нашата постојана потреба за меѓучовечка интеракција, но дали тие го постигнаа токму спротивното?
Авторката се прашува: Дали првпат во историјата имаме толку лесен и директен пристап до огромен и брзорастечки извор на информации што нè прави помудри или пак само си создаваме мултидимензионално огледало, постојано барајќи си го сопствениот одраз како потврда за нашето постоење? Дали овие „продолжетоци на нашите раце“ всушност го заменија нашите најдобри пријатели, семејството, љубовниците? Уште поважно, што нè чека во најавениот Metaverse во кој ќе станеме виртуелни верзии од самите себе?