Најискрено, се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро. Целата оваа новонастаната ситуација, а и моменталното исчекување за видот и за формата на следното решение, несомнено ја допира многуслојно кревката македонска музичка клупска индустрија, во која спаѓаат промоторите, организаторите на настани, букинг-менаџерите, диџеите и продуцентите, артистите, ноќните клубови, баровите, како и фирмите за техничка поддршка на настани. Ова се несомнено дејности и профили на компании што тешко ја преживуваат оваа криза, а излегувањето од неа е неизвесно.
„По короната ништо нема да биде исто!“ – ова е фраза што најчесто може да се слушне деновиве. Дали претходните историски искуства ни нудат знаење и алатки за анализа на сегашнава ситуација? Изгледа искуствата од минатото, не се јасен патоказ со кој би направиле предвидување за тоа што би следувало понатаму. Ниедна претходна епидемија не ја опфатила секоја точка на Земјата, секој поединец и речиси секоја индустрија. Ниедна немала можност да биде интернет-сензација и да биде набљудувана деноноќно, станувајќи достапна за сите, како веродостојна информација, или пак, како шпекулација. Сите претходни епидемии се случувале во еден далеку побавен свет и во свет што само ја сонувал глобализацијата и техничкиот напредок што го уживаме денес. Коронавирусот е уникатен историски експеримент за човештвото, од кој треба да излеземе променети. Сега, во моментов, кога живееме заедно со ковид-19, сите ние како да ја изгубивме визијата и желбата за иднина, но го имаме минатото. Она доброто и убаво минато, на кое постојано сега се повикуваме.
Дали овој свет ќе биде „полупразен или полуполн“, по ковид-19?
Одговорите на ова прашање се израз на универзални дилеми, кои ги имаме тука, пред нас, и нѐ засегаат сите подеднакво. Можеме да ги поделиме едноставно на оптимистички и на песимистички, па доброволно да си избираме она што мислиме дека ни одговара.
Оптимистичката верзија е таа што нам ни се допаѓа, која ја посакуваме и токму за неа ќе напишеме неколку редови, кои накратко го доловуваат нашето гледиште на клупскиот свет и на македонската електронска сцена низ призмата на оптимизмот.
Песимистичката верзија може да ја напише некој друг, но и не мора!
Ние ја гледаме оваа неповолна ситуација како неверојатна можност да изградиме еден заеднички подобар музички свет, за кој сите разговараме по секој настан. Многу јасно е дека друштвата и поединците не можат самостојно да се снаоѓаат во ваква криза, или тоа што доаѓа по неа. Вирусот е наш, заеднички! Ние го „родивме“ заедно, уништувајќи ја планетата, себично стискајќи до исцрпеност, неподготвени да се откажеме од ништо поради удобност и алчност. Планетата сега ни испраќа недвосмислен укор. Ние веќе немаме избор, ние веќе мора да преземеме конкретни мерки за да ја спасиме заедно, затоа што вирусот покажа дека нема граници.
Во досегашните искуства во музичкиот свет, голем дел од тимовите и поединците што работат во оваа фабулозна култура, создадоа сцена што се претвори во макотрпен заемен натпревар, заборавајќи на „Music is connecting people“. Наместо музичка поврзаност, остваривме брканица, ривалство и хаос во непостојното заедништво. Кој од кого е подобар!?
Во кој било формат, музиката треба да е само музика и знае да допре до оној што ги има вклучено апсорбирачките слушни сетила. Секако дека има и „од добрите, подобри“, но со меѓусебно споделување информации, сите можеме да бидеме заедно најдобри. Очекуваме и посакуваме ваков принцип на работа по оваа криза.
Сè што треба е да се почитуваме, бидејќи делиме иста култура, а мала сцена и публика. Секоја чест на тие што со позитивна мисла го работат ова. Големо БРАВО за тие што се приспособуваат на моменталната ситуација, па преку видеопроекти нѐ охрабруваат, ни ја скокоткаат креативноста и ни прават да ни биде забавно дома. Музички активизам во комбинација со пораки за заштита и општествено добро. Дома нека ни биде добро, сè до моментот кога сето ова ќе заврши, па повторно ќе се видиме на полни подиуми. Подиуми што ќе имаат нова енергија, многу подобра од претходно.
Само заедно можеме да ја воздигнеме оваа култура кога ќе дојдат новите времиња. А ќе дојдат, многу брзо! 🙂
Во прилог, најновиот студиски микс од нас. Приказна на која посветивме доста време во селекција и сме особено возбудени од резултатот. Слушај и танцувај од дома!
Соба 313
Митрик Александар
Александар Самарџиски
Фото: Моника Павловска(Cherry Cannon studio)
instagram: @mpvsk @cherrycannonstudio