Освен режирањето и продуцирањето многубројни долгометражни филмови, Куросава ја покажал својата ингениозност и во нискобуџетните филмови како ремек-дела што го потресле и измениле светот на седмата уметност.
Првиот значаен пробив го прави со филмот „Пијан ангел“, мелодрама во поствоено Токио, во која за првпат соработува со актерот Тоширо Мифуне. Следен е интернационалниот хит „Рашомон“ (1951), самурајска приказна за убиство раскажана низ перспективата на четири различни лика. Овој филм плени со мајсторски иновативниот пристап во раскажувањето за тоа време. Во Јапонија сепак наишол на мешани реакции.
Генијот на Куросава блеснал на меѓународен план со победата на Венецискиот филмски фестивал, како и со добивањето Оскар за најдобар странски филм.
Во следната деценија, како веќе призната фигура во светот на филмот, Куросава ги направил своите највлијателни филмови. Во 1952 година го направил „Икиру“, а во 1954 следувал „Седум самураи“, омаж на вестерн филмовите, кој подоцна ќе го заокружи со „Величествените седум“ (1960). Во епската самурајска драма „Седум самураи“ од 1954 година, дејството се одвива во шестиот век во Јапонија. Луѓето од сиромашното село, кои се редовно напаѓани од вооружени бандити, бараат помош од еден самурај. Тој, заедно со уште шестмина, ги обучува селаните, кои се пресиромашни да си купат оружје, да се одбранат и да се заштитат. Овој филм е меѓу најважните остварувања во светот на филмската историја бидејќи изобилува со воени и акциски сцени од висок квалитет.
Во „Престол на крвта“ („Kumonosu-jo“), Куросава го адаптира Шекспировиот „Макбет“ на околностите во средновековна феудална Јапонија. Режисерот ја претставува приказната за Макбет трансформиран во самурајот Вашицу и ги игнорира споредните ликови од оригиналната приказна. Овој филм инаку се смета за една од најдобрите интерпретации на некое Шекспирово дело. Во 1958 година се појавува „Скриената тврдина“, приказна за принцезата, нејзиниот генерал и двајца селани што се трудат да стигнат дома. Овој филм означува пресвртница за јапонскиот филм бидејќи за првпат во него се користи форматот widescreen. Очигледно, овој филм имал големо влијание врз Џорџ Лукас, кој подоцна ќе го наведе како инспирација за неговиот серијал „Војна на ѕвездите“.
За да постигне поголема уметничка слобода, во 1960 година Куросава основа своја продукциска компанија. Негов прв филм од овој период бил „Јоџимбо“ (1961). Негативното влијание на телевизијата врз филмот и економската депресија во Јапонија ќе го натераат да побара работа во Холивуд. За жал, ниту еден од тамошните проекти не вродил со плод.
Неговиот трилер „Runaway Train“ не добил финансиска поддршка, а дополнително разочарување доживеал со неуспехот на комедијата „Dodes’ka-den“. Истоштен и финансиски исцрпен, Куросава се обидел да се самоубие во 1971 година. Не успеал во тоа, но се зарекол дека повеќе нема да режира. Токму пред да падне во целосен заборав, Куросава добил понуда од една руска продукциска компанија да го режира авантуристичкиот епски филм „Dersu Uzala“. Снимен на локации во Сибир, филмот постигнал интернационален успех.
Додека Куросава и понатаму имал здравствени тешкотии, неговиот голем фан Џорџ Лукас успеал да ги убеди Френсис Форд Копола и „Twentieth Century Fox“ да го продуцираат „Кагемуша“, средновековна самурајска приказна од епски размери. Овој филм добива Гран при во Кан и номинација за најдобар странски филм на Оскарите. Охрабрен од овој успех, во 1985 година го прави „Ран“, самурајска адаптација на Шекспировиот „Кралот Лир“.
Во 1990 година, тогаш 80-годишниот Куросава, потпомогнат од Стивен Спилберг, се враќа со експерименталното остварување „Соништа“. Токму таа година, Спилберг и Лукас ќе му го доделат почесниот Оскар како признание за целиот опус на Куросава.
Акира Куросава умрел осум години подоцна, на 6 септември 1998, во Токио. Неговиот импакт врз филмот продолжува преку редица нови интерпретации на неговите дела и преку трајните вредности што ѝ ги остави на целокупната светска кинематографија.