Во последно време повеќе е фокусиран на диџејството, така што постојано настапува во клубови на Ибица, во Италија и во Луксембург. Во 2017 година го објавува првиот албум „A Glint in Our Eyes“, со чист и префинет електро хаус звук, a веќе следната година го објавува второто издание „Sound of men“. Рем Пери деновиве гостува во Македонија во склоп на неговата регионална турнеја што ги опфаќа и Србија, Грција, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска. Се разбира, ние ја искористивме оваа единствена можност да поразговараме со него.
Ја започна и понатаму ја разви твојата кариера како композитор, продуцент и аранжер. Како ти се случи диџејството, дали беше природна пресвртница за тебе како музички артист по толкаво искуство во создавањето музика?
Кога еден музичар поседува уметнички вештини да компонира музика, тие вештини можат да го одведат по различни музички патишта. Диџејството за мене подразбира создавање, компонирање и продуцирање музика во живо. На денот кога ABLETON и NATIVE INSTRUMENTS започнаа да продуцираат софтвер за live djing, сфатив дека можам да ги комбинирам моето знаење и вештини со оваа нова технологија и да креирам нешто уникатно. Во Македонија настапував со STEMS, што е револуција во создавањето звук, каналите се разделени и можам бесконечно да градам композиција.
Во едно поткаст-интервју на француски јазик велиш дека си влегол во музичкиот свет со особен интерес за средновековната музика. Ретки се диџеите што поседуваат такво комплетно знаење за музика што им претходни на современите музички текови. Како тоа знаење влијае врз твојата музика денес?
Електронската музика отсекогаш живеела во мене и влијаела врз моите композиции. Но сега компонирам електронска музика под влијание од средновековната музика и тоа апсолутно ме фасцинира. Инаку, уште во тинејџерските години, и потоа, како млад артист, ја следев музиката на „KRAFTWERK“, „SKINNY PUPPY“, „YELLO“, „BLANCMANGE“, „ART OF NOISE“.
Твојата музика се опишува како кинематичен инди-рок. Каква улога игра визуелизацијата во креирањето на твојот звук?
Во кинематографијата, музиката се користи за да се потенцира одредено расположение. Таа ни го носи чувството за одредена сцена и ни раскажува за ликовите во приказната. Мојата музика е меланхолична, додека компонирам визуелизирам моменти од животот и моите слушатели визуелизираат моменти од нивните животи. Ова ми дозволува поширока експресија во моите звуци и можност за присуство во градбата на мојата музика.
Во твоето издание „Sound of Men“ ги пресретнуваш традиционалната јапонска музика и техно-хаусот. Како се случи тоа?
Можам да одговорам од два аспекта. Технички кажано, денешната технологија ни овозможува да ги комбинираме музичките жанрови на модерен начин. Од уметничка гледна точка, отсекогаш сум користел етнички звуци во моите композиции, а чистотата на јапонските гласови се вклопи во техно-хаусот многу убаво и природно.
Подолго време беше активен во Израел. Можеш ли да повлечеш паралела, која е разликата меѓу тамошната електронска сцена и електронската сцена во континентална Европа?
Разликата се состои во тоа што израелската електронска сцена претрпе огромни пресвртници во изминативе три децении. Тел Авив е фантастичен град со неверојатен ноќен живот. Израелското население е составено од голем број етнички групи, па затоа и израелската музика е толку разнолична.
Какви ти се впечатоците од нашиот регион? Што мислиш за балканската електронска сцена?
Освен прекрасните луѓе, храната и природата, на Балканот имате брилијантни диџеи какви што се Rudhaman, Lephonq, Nemax и многу други. Можам да кажам дека сум фасциниран од електронската музика на Балканот, толку многу е разгранета што чувствувам дека овде електро-свингот се допира со dub, сето тоа спакувано во уникатен звук од 21 век.