Покрај концертот на Бланко, вечерта свој настап во живо ќе има и балканскиот RnB крал DZIPSII, познат по неговата автентична музика со која секогаш остава јасен личен печат. По концертот ќе следува диџеј сет со домашната перформанс артистка, Ивана Драгшиќ, одгледана во подемот на скопските подиуми од доцните 90-ти прво како обожавателка, потоа како радиоводителка, па диџејка.
МИКИ БЛАНКО е познат уште од раните изданија и деби албумот Mykki (2016), составен од креативната моќ на пионерските микстејпови Cosmic Angel (2012) и Gay Dog Food (2013), со кои ги има поплочено патот за успехот на многумина други нехетеронормативни и родово неконформирачки уметници. Бланко е автор на култни класични хитови, меѓу кои и Kingpinning, Haze.Boogie.Life, Wavy, Coke White, Starlight и The Initiation. Има поставено недостижни стандарди со хит-спотот за High School Neven Ends од деби албумот, во режија на Мат Ламберт, награден со бројни награди на разни фестивали. Покрај содржината за сопствените спотови, Бланко остави значителен белег во медиумите и поп-културата со перформансите во други спотови и кратки филмови, како, на пример, главната улога во спотот на Мадона Dark Ballet, неверојатното читање на песната на Зои Леонард Сакам лезбејка за претседател, експерименталната улога во соработката на уметничкиот филм Без каишка (No Leash) со Коди Кричелоу за брендот на Шејн Оливер, Hood By Air, како и перформансот во кој игра повеќе ликови за краткиот филм Wypipo (во рамките на улогата како гостин уредник за Dazed).
Сестраната ѕвезда го продолжува преминот од андерграундот со турнеите со Björk, Major Lazer и Death Grips, а работи и со разнообразни музичари, како Kanye West, Devendra Banhart, Amnesia Scanner, Charli XCX, Kathleen Hanna и Woodkid. Мики Бланко е креативен полимат и неговото патување претставува вистинско задоволство да се гледа и слуша. До почетокот на 2020 година Бланко создаде нова музика колку за два албума, што претставува важна еволуција во нивната дејност. Во 2021 г. Бланко го издаде Broken Hearts and Beauty Sleep. Во 2022 г. го издаде антологискиот албум Stay Close to Music, а во 2013 бучниот ЕП-албум Postcards from Italia, кој послужи како одредница за овој вид жанр.
За концертот има влезници кои може да се набават преку DrugaStrana.mk на следниов линк.
ЏИПСИ е познат и по неговиот настап на минатогодишниот избор за Песна за Евровизија во Србија, каде со песната „Грев“ направи парампарче. Како автор и изведувач со единствен и несекојдневен глас, тој е директен, возбудлив, енергичен и нежен, но и секогаш бескомпромисен во својот израз. Зад себе го има албумот „Записи од поздемјето“ којшто весникот Данас го прогласи за трет најдобар балкански албум.
Емоционално врзана за визијата на Second Summer of Love и екстази еуфоријата, но внимателна околу хетеро-патријархалната рамка на денс културата денес, ИВАНА ДРАГШИЌ е водена од трансформативната моќ на споделувањето музика и танцување. Нејзините диџеј сетови се бесни, емотивни и забавни – конфигурација за достоинствен живот. По емитувањето програма на култното скопско радио Канал 103 и на Амок Радио, нејзината последна радиоекскурзија е Медашт на платформата за европска андерграунд култура komrad.net. Обожава да пушта музика заедно со други пријатели диџеи.
Дванаесеттото издание на Викендот на гордоста – Скопје, кој ќе се одржи од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија. Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Тематот на фестивалот оваа година е ОСТАНУВАЈЌИ СО НЕЛАГОДНОСТА. Со оваа тема, ги истражуваме потенцијалите и формите на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација, кои може да произлезат од останувањето со нелагодноста, или неволјата, тешкотијата, проблемот, несоодветноста, неприкладноста, неугодноста, непријатноста, чудното, некомфорното – како нешто што го опишува живеењето во кризни времиња, каде се скршени и изгубени нашите хегемониски, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието.
Цртежот кој го визуализира концептот на фестивалот е дело на македонската уметница Христина Иваноска, и е оригинално изработен за овогодинешното издание.
Фестивалскиот постер, програма и зборник може да ги погледнете на следниот линк.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Се реализира во партнерство со Медуза, ТрансФормА, Локомотива и Тииит! Инк., а благодарение на несебичната поддршка на Американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Heinrich Böll Stiftung, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација Отворено Општество Македонија, Friedrich Ebert Stiftung, Француската амбасада во Скопје, Transgender Europe, и International Trans Fund.