PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum
No Result
View All Result
PopUp
No Result
View All Result

Радмила Ванкоска: Фотографијата ми помогна да останам силна

popup by popup
декември 11, 2018
in Интервјуа
0
407
СПОДЕЛУВАЊА
2.4k
ПРЕГЛЕДИ
Сподели на FacebookСподели на Twitter

На фотографиите на Радмила Ванкоска ќе видите заробени моменти, реалност и лица што разговараат со вас, така што ве тераат да им ја погодувате последната мисла пред звукот на шатерот, или целиот нивен живот после него. Таа вели дека фотографира уште откога се сеќава за себе. Постепено својата пасија ја претворила во професија, па така се запишала на мастер студии по дигитални уметности, фотографија и филм во Белград, каде што и живее веќе неколку години. Експериментира со кратки видеоформи, фриленсерски соработува со многубројни клиенти, но во моментов најмногу е фокусирана на портретна фотографија. Изложувала на повеќе регионални изложби и фестивали. Разговаравме со неа по повод нејзината актуелна фотографска изложба „Антропологија на микрокосмосот“ во белградската арт-кафе галерија „Тулуз Лотрек“. Тука некаде ќе прочитате: „Ајде, ние што ја носиме целата тага на светот на рамена, да седнеме деновиве на по една и да се измериме…“

За твојот магистерски труд правиш фотографска хроника за себе и своето тело, за болеста и оперативниот зафат на кој си била подложена потоа. Како тече претворањето на фотографијата во интимен патопис на телото на фотографот?

Енрике Вила-Матас во „Болеста на Монтано“ пишува за болеста како најголема тема на интимните дневници од 20 век и заклучува дека нивните автори не ги пишувале тие дневници за да откријат кои се, туку за да знаат во што се трансформираат. Освен тоа, фотографскиот дневник за време на болеста може да биде прекрасна терапија. За време на мојата интимна трагедија, фотографијата ми помогна да останам силна, ме фокусира на документирање на болката, а не на препуштање на стравот. Тука се наметна и потребата да се теоретизира на оваа тема, ми се чини дека е многу важно да зборуваме за уметноста како терапија, а не само како производ што треба да (се) продаде.

Белград, градот во кој живееш, градот замислен да биде престолнина на 22 милиони, а останал на многу помалку, градот што не си го повлекол духот кога му се смалила државата, знае да биде вибрантен, брз, раскошен, но и искрен и суров во своето сивилo… Каква кожа има Белград на твоите фотографии?

Белград го запознавав со фотоапарат в рака и мислам дека тогаш изгледав многу смешно, постојано се губев по едни исти улици и се тепав со аналогни апарати и филмови, згрешени фокуси, композиции, експозиции. На сето тоа уште бев и амбициозна сама да си ги развивам филмовите така што првите фотографии од градот ми се полни со дамки од прашина и хемија за развивање, изгребани се или се полни со отпечатоци од прсти. Некој би ги фрлил тие филмови, но мене овие фотографии ми се многу драги затоа што многу личат на мене тогаш, се препознавам во нивната поетика. Продолжив да го фотографирам градот на истиот начин, мислам дека неговата прашина и хаос и мојата прашина и хаос одлично се надополнуваат.

Твојата изложба „Антропологија на микрокосмосот“ во арт-кафе галеријата „Тулуз Лотрек“ во Белград е своевидно истражување на човечкото во структурата на безброј минијатурни светови во големиот „градски универзум“. Се судираат ли тие мали светови, фузираат ли или сè повеќе се отуѓени еден од друг? 

Ќе се надоврзам на претходниот одговор бидејќи оваа изложба е посветена на тој циклус фотографии, на деновите кога се запознававме јас и Белград. Фотографите што се фокусирани на улична или на архитектонска фотографија, најдобро ќе сфатат што значи тоа да се претопиш во местото што го документираш, во неговите лица, сенки и облици. Градот не би постоел без судирањето на нашите мали светови, ние сме негово огледало, тој е наше.

Експериментираш и со кратки видеоформи. Дали тој формат може да ja апсорбира твојата уметничка есенција на начинот на кој тоа го прави фотографијата?

Иако сродни, филмот и фотографијата се две различни категории со сопствени правила, сопствени нарации. За мене фотоапаратот отсекогаш бил алат со кој можам да документирам, да архивирам, но филмот е нешто друго. Лично го доживувам како средство за потемелна интроспекција и поопширен поглед на стварноста, но како што кажа, засега само експериментирам, па ќе видиме како ќе се развива тоа во иднина.

Во моментов си најмногу фокусирана на портретна фотографија. Колку е тешко за фотографот да го дофати чистиот, оригинален израз на својот субјект во време кога позираме не само со физички експресии, туку и со емоции?

Периодов пополнувам еден вид лична архива од портретите на авторите и уметниците од мојата генерација и често тоа се луѓе што не се плашат да бидат отворени и ранливи. Обично ми е лесно и забавно со такви луѓе, но факт е дека фотографирањето стана составен дел од нашиот живот и ми се чини дека ниедна генерација претходно не била толку свесна за својот изглед, толку фокусирана на начинот на кој комуницира и изразува емоции како нашата денес. Позираме буквално цело време и тоа неизбежно нè уморува и додека работам се трудам да не го заборавам тоа. Сите се уморуваме во еден момент, а јас го чекам тој момент за да ја добијам конечната фотографија.

Ако фотографијата е приказната што не успеваме да ја раскажеме со зборови, дали некогаш си почувствувала дека си останала недокажана во некоја своја фотографија?

Секогаш, но тоа е добро. За мене ова е константен процес на учење, начин на кој и јас сум дел од светот и верувам дека сè додека во мене постои чувството на недокажаност, ќе постои и желба да бидам подобра, погласна, потемелна или барем малку посвесна за контекстот во кој создавам.




Previous Post

Пауза за реалистичност со претставата „Фестен“

Next Post

Пет бајки што не се за деца

Next Post

Пет бајки што не се за деца

Please login to join discussion
No Result
View All Result
  • Уметност
  • Музика
  • Филм
  • Настани
  • Интервјуа
  • universes
  • Impresum