Природата и артифициелното се испреплетуваат за да покажат како виртуелната реалност може да биде искористена во современото уметничко делување, но и да го постават гледачот во комуникација со авторката, со себе самиот и со природата. Преку ова соочување на гледачот со поле со пченка во виртуелен галериски простор, концептот на авторката како поттекст ги поставува и горливите прашања за нашиот денешен однос кон природата.
PrivatePrint – VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и нивен долгогодишен соработник, кој ја изработил виртуелната верзија на студиото. На даден предлог од уметник, тимот на PrivatePrint – VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор.
VR Studio оваа година е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.