Изложбата “Folded” од Зоран Шекеров се надоврзува на неговиот истоимен истражувачки документарен проект срочен во фото книга, издание на PrivatePrint. На изложба, покрај мал дел фотографии од книгата, се претставени и фотографии кои не се дел од книгата, со намера да се претстави работниот метод на Шекеров.
Зоран Шекеров (1992) работеше на проектот “Folded” околу две години. Во тоа време тој од близу фотографираше повеќе пеливански натпревари. Воспостави и блиска комуникација со неколкумина од борачите, така градејќи доверба со нив и, потоа, вградувајќи ја таа доверба директно во фотографиите. Токму тој негов сензибилитет при пристапувањето на темата со која работи го одликува и го издвојува како фотограф.
Зоран работи во Скопје и неговата практика е насочена кон долгорочни документарни истражувања, коишто ја проучуваат човековата состојба во одреден социо-политички контекст, допирајќи ги и темите на идентитетот. Тој ги преиспитува термините како патриотизам и носталгија, имајќи ја на ум врската помеѓу живата историја и сентименталноста.
Изложбата ќе се одржи според протоколите за заштита од Ковид-19. Задолжително е носење заштитна маска и одржување дистанца за време на посетата.