Најчесто фотографира сам, сè што му претставува предизвик или задоволство, а го плашат ограничувањата и категоризирањата, па затоа се нарекува себеси едноставно „експериментална душа“. Освен фотографијата, во последно време се занимава и со видеографија и монтажа.
Добриот фотограф не може без…
Обичниот фотограф објективно анализирано не може без својот објектив, камера и својот мозок. Но тој станува добар во моментот кога ќе ја напушти надворешната компетиција и ќе сфати дека секој од нас е уникатен набљудувч на кој му е потребна секојдневна пракса, а својата уникатна приказна која сака да ја пренесе на луѓето ќе дојде во некој неочекуван момент од нашиот живот.
Кога сум зад апаратот чувствувам дека…
Ми се тресат рацете, особено во ноќни услови кога сум без статив, а бркам некоја темна сцена, па си велам: „Намали со кафињата!“ (мала шега). Ги оставам емоциите да дивеат додека сум позади апаратот и секогаш се чувствувам различно. Често чувствувам како да не знам што сакам во моментот, трагам и фоткам сè додека не ми се појави сцената на која ќе заглавам додека од неа не исцедам сè што е можно. Но кога би морал со еден збор да опишам како се чувствувам позади камерата, тоа би било: Среќен!
Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат ја видов фотографијата:
Sebastiao Salgado ,,A Desert on Fire” и топло го препорачувам документарниот филм за неговото дело ,,The salt of The Earth”
Магијата на фотографијата се состои во тоа што…
Кога фотографијата е направена, тоа за мене е исто како субјективното да се претвора во објективно. Од една страна, магијата е во слободата на изразувањето на фотографот со давање акцент на одреден субјект, но од друга страна, заедно со неограничената слобода на толкување кај гледачот тие прават една заедничка магична целина.
Моите фотографии ја раскажуваат приказната за…
Моите први сеќавања од раѓање кои ги паметам како бои. Потоа мојата носталгија за некои побезгрижни денови во контрастна комбинација со осаменоста и деструктивноста на денешниот човек.
(Еве неколку фотографии со приказна и музичка заднина за секоја од нив)
Рана пролет, непроспиена ноќ, прекрасен син час кој го најавува крвавото изгрејсонце.
Soundtrack за сликата: Haustor – Šejn
Февруарско утро, бистра глава, ден полн со обврски, магла и сонце во исто време.
Soundtrack за сликата: Melanie De Biasio – Blackened Cities
3 часот по полноќ, надвор густа магла, чувство на еуфорија која од никаде ме натера да го земам апаратот.
Soundtrack за сликата: Thom Yorke – Has Ended