По три месеци, претставата „Експеримент“ во продукција на здружението „АРТОПИЈА“ се врати на репертоар во МКЦ за две нови изведби. Првата изведба беше синоќа, а втората ќе имаме можност да ја видиме вечерва од 21 часот во сала Фросина.
„Експеримент“ повторно ќе имаме можност да ја гледаме откако актерката Симона Спировска (од АРТОПИЈА) се врати од Лече, Италија каде што успешно учествуваше во „The poetics of shame“ – проект на Матера (европска престолнина на културата во 2019) и #Reteteatro41. Главна инспирација за претставата е книгата „The Lucifer Effect“ на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.
Група на фантазмагорични суштества, буфони, ги поседуваат сите искуства и мемории на човештвото. Нивна единствена цел е да го набљудуваат човекот, да бидат негово „критичко огледало“ и еднаш годишно да „мигрираат“ во реалниот свет за да му укажат на грешките. Доаѓа денот од годината кога треба да се „мигрираат“ во реалниот свет и повторно да огласат пред луѓето, но по кратко согледување на ситуацијата буфоните констатираат дека човекот постојано ги повторува истите грешки и нема капацитет да согледа дека тоа го води кон самоуништување. Решаваат да го откажат доаѓањето во реалниот свет бидејќи им се чини бесцелно, но сепак, еден од буфоните не сака да се откаже од човекот, наоѓа уникатен мемориум и успева да ги убеди дека можеби треба да се огласат за последен пат…Tеатарската претстава „Експеримент“ е во текст и режија на Јане Спасиќ, а во неа играат: Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Мартин Јорданоски, Симона Спировска Костовска, Матеја Јанковска, Марија Јанчевска, Михаел Стојановски.