Понудата е огромна, од инди, поп, рок, метал, хип-хоп до електронска музика. Речиси сите се случуваат во летниот период, меѓутоа доколку сакате да посетите некој од нив, треба навреме да ја погледнете нивната програма и да си обезбедите карти.
Подетално ви ги издвојуваме и ви ги препорачуваме петте најпопуларни меѓу младите:
Creamfields е четиридневен музички фестивал што се случува од 27 до 30 август во Британија, поточно во местото Daresbury, помеѓу Ливерпул и Манчестер. На програмата која брои околу триста светски познати музички имиња, се застапени различни видови електронска музика, хаус, техно, драм енд бас, транс. Фестивалот е познат и по својот визуелен израз, оригиналниот изглед на музичките настапи е придружен со светлосни ефекти и пиротехника. Возбудливата програма за оваа година можете да ја погледнете овде.
Ultra Europe е можеби најдобриот избор во однос на локација и добра програма за оние што сакаат електронска музика. Како дел од Ultra Music Festival Worldwide, кој е присутен во дваесет земји во светот, Ultra Europe се одржува на отворено од 10 до 12 јули на стадионот Park Mladeži во Сплит. Фестивалот носи голем број познати музички имиња како на фестивалот Creamfields, меѓу кои кралот на трансот Armin van Buuren, Pendulum Trinity, David Guetta. Со програмата Destination Ultra се опфатени забави и на островите Хвар, Брач и Вис. Повеќе за програмата на следниот линк.
Sziget фестивалот е посебно атрактивен за млади, бидејќи покрај музика има придружна програма кино, театар, циркус, спорт и секако плажа, сончање и капење. Се одржува од 5 до 11 август на Óbuda, островот на Дунав во Будимпешта, Унгарија. Досега има портфолио од илјада светски артисти од различни жанрови, кои биле дел од овој фестивал. Оваа година ќе настапат Calvin Harris, Dua Lipa, Kings Of Leon, Major Lazer, The Strokes, A$AP Rocky, Khalid, Stormzy и седумдесет други артисти што можете да ги погледнете на овој линк.
Primavera Sound ќе се одржи од 3 до 7 јуни, во Барселона, во Parc del Fòrum, и претставува микс од различни правци на музика од инди, поп, Latin-Trap до андерграунд техно, кои се застапени на шеснаесет сцени. На дваесетгодишнината од своето постоење овој фестивал ги носи Massiv Attack, Pavement, The National, Young Thug, The Strokes, Lana Del Rey, Tyler -The Creator, Iggy Pop. Видете дали настапува вашиот омилен бенд или изведувач овде.
Rock am Ring, кој се одржува од 5 до 7 јуни во Nürburgring, Eifel, Германија, важи за еден од најголемите рок-фестивали во Европа со повеќе од сто педесет илјади посетители годишно и традиција од триесет и пет години постоење. Заедно со својот подбренд, фестивалот Rock im Park, секоја година ги претставуваат најактуелните музичари и групи од рок, метал, панк и алтернативна музика. SOAD System Of A Down, Green Day и Volbeat се само дел од најавената програма, која во целост можете да ја откриете овде.
https://www.youtube.com/watch?v=xPVqyYQn660
Aнна