Во празнината меѓу старото и новото, ритуалот на постепен премин знае да биде ранлив. Опкружувањето може да стане флуидно, а личноста потполно ресетирана и без некаков статус или идентитет. Што беше претходно и што ќе биде следно? Преминот меѓу двете состојби ја означува болката и тешкотијата да се вратиш на она што некогаш било, бидејќи во реалноста тоа многу тешко се постигнува.
Лиз Јохансон е данска визуелна артистка и фотографка што работи во Копенхаген. Почетната точка на нејзината работа и уметничка пракса е да создаде чувство на дисторзирана реалност, во која инспирацијата доаѓа од граничните места што постојат меѓу свесното и несвесното. Во нејзините дела постои силен персонален карактер, чувство на напуштеност и љубопитност за непознатото.
Чести теми на интерес ѝ се идентетиот и припадноста. Сликите често претставуваат физички минијатури на пејзажи или архитектонски површини комбинирани со текстури и објекти. Конечните слики го задржуваат невообичаениот баланс помеѓу природното и конструираното. Нејзините дела се изложувани во Лондон, Париз, Копенхаген и Њујорк. Во 2017, добила две награди на престижните Sony World Photography Awards, а минатата година се стекнала со титулата Фотограф на годината на International Color Awards.
photo: Lise Johanson