Неговите фотографии биле дел од повеќе групни изложби: Идентитет (Дортмунд, 2018), Идентитет (Скопје, 2018), Скопје Креатива (Скопје, 2017), Теми од мојата земја Македонија (Скопје, 2018).
Во 2016 година го освои првото место на фото-натпреварот ” Making Connections’, организиран од Амбасадата на Холандија во Република С.Македонија.
За својата прва изложба, авторот вели:
Архитектурата на градот Скопје поминувала низ многу периоди во својот развој. Поради сите овие промени кои градот ги претрпува и ќе ги претрпува и тоа не само директнo со градење или рушење на објекти, туку и со мали промени и можеби додавање други елементи во просторот околу самите објекти, тие ја менуваат и нашата перцепцијата кон него. Се запрашав – од кој период е вистинското лице на градот, кој објект го претставува Скопје? Бидејќи и по многу направени фотографии тоа не го открив, се одлучив да направам мало истражување и да ги прашам луѓето. Се одлучив да разговарам со луѓе од областа на уметноста, како уметници така и љубители на уметноста, кои не остануваат рамнодушни на убавината на урабаната скопска архитектура. Условот беше барем еден период од својот живот да живееле во Скопје. Разговарав со вкупно девет лица и им поставив две наизглед кратки прашања. Во првото да се претстават себеси, а во второто да го претстават градот со еден објект.После ова мало истражување на градот можеби за повеќето испитаници, симболот на градот е од периодот на брутализмот и градбите од натур-бетон, но за мене ниту еден објект не е симбол без нив самите. Тоа го сфатив откако и нив ги фотографирав пред објектот. Од моментот кога го здогледаа објектот му се восхитуваа. Некои од нив најдоа вистински зборови, некои пробаа и со рацете да ги објаснат нивните чувства, а на некои тоа едноставно им се гледаше во очите.