Напротив, поради сè позачестените случаи на малтретирање и брутално убивање животни во нашата земја, со PopUp Pets сакаме да бидеме јасни во заложбата против ваквите ужасни појави кои во целост ѝ се спротивставуваат на човечката природа и емпатија. Како што вели Алан Милн, „Некои луѓе зборуваат со животните. Ретки се тие што ги слушаат животните. Тука е проблемот.“
Здраво јас сум Точка. Уште малку ќе полнам 6 години и живеам со Ања и Александар.
Me земале кога сум имала само 40 дена од одгледувачница за кучиња. Ми кажаа дека сум била помала од човечка дланка, со болно окце и многу болви. Но, сега сум ок, тоа е најважно, нели?
Ме нарекуваат „Мир во светот“, секогаш кога ќе видам како се расправаат луѓе, си ја ставам главата на нивните размавтани раце и сакам да ги смирам.
Многу сакам да се дружам со кучиња, со луѓе, со сè што е живо и што мрда 🙂
Не сакам зима и постојано им забушавам кога се шетаме по снег.
Еднаш се скарав со црн лабрадор и сега ги лаам сите црни лабрадори на радиус од еден километар 😊
Многу сум стрвна. Кога сум била мала, сум јадела намокрени салфетки (чудно, нели, ама ми заврши тој период). Сега ми ја даваат мојата нормална кучешка храна, но еднаш искористив прилика да се изнајадам грав, додека никој не гледаше. Да се знае дека сум македонско куче 😊 Некој спомна храна?
Обожавам лето и сонце, и кога веќе зборуваме за моето омилено годишно време, ќе кажам дека за првиот одмор ме однесоа во Грција, фино местенце, топличко на плажа, ама не се бањав многу бидејќи водата ми беше малку ладничка.
Кога бев помлада одев и по кафичи, сега сакам помирни места, во парк, по гости, на планина. Кога одиме во Маврово, едвај чекам да запалат камин и да се изналежам пред него.
Воедно, барам дечко, да не знаете некој од добра фамилија?
Новогодишната еуфорија е веќе започната, еве ме со елката:
Големината на една нација и нејзиниот морален прогрес можат да се проценат според начинот на кој ги третира своите животни.
– М. Ганди