Тој е студент на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика. Вечерва ќе се случи и неговата прва самостојна изложба под назив „Дела на хартија“ во Младинскиот културен центар. Изложбата ќе се состои од 35 дела, од кои само едно е работено во 2018 година.
Кој е Стефан и од кога Стефан твори?
Во зависност од ситуација… Стефан е пред сè млад графичар, не за џабе се презива Младеновски. Отсекогаш, никогаш не престанал, само сега му е малку појасно што поточно прави.
Како знаеш кога едно дело е завршено?
Кога веќе нема што да додадам, а богами ни да одземам хахах… само тешко се препознава тој момент, многу хартија знае да отиде јабана.
Кои се твоите омилени техники за работа? Дали сакаш да инкорпорираш повеќе техники одеднаш или стриктно се држиш на една?
Еве баш во пресрет на изложбата имав проблем кои техники да ги пишам, има тука: туш, лавиран туш, колаж, јаглен, молив, моливи во боја, да не кажам дрвени бои… сепак се одлучив кај сите дела да стои цртеж, пред сè тоа се цртежи. А ако збориме за графика, тоа би бил длабокиот печат: акватинта, бакропис, сува игла… со сите можни опции. Значи повеќе техники, мешано.
Како би ја категоризирал својата уметност?
Би рекол дека станува збор за чист ликовен јазик и за уметност која би сакал да ја купам.
Кое дело ти има оставено најголем впечаток?
Колку време мислам, одговор никако да дадам, веројатно така и ќе остане. Многу дела, многу впечатоци.
Ако би можел да одбереш едно уметничко движење наместо ова во кое се наоѓаме, кое би било тоа?
Ако веќе морам да бирам, не дека имам некоја поврзаност, ама ајде, нека биде поинтилизам, да скренеме од ставање точки. Сега не знам во кое се наоѓаме.
Ако твојата уметност би била храна, каков вкус би имала?
Е ова е лесно, би имала вкус на сè што готви мајка ми и плус на ќебапите од „Сердарот“.
Мариго Антов