Веста дека Kiko Navarro, еден од најомилените диџеи на скопската публика повторно доаѓа во „градот убав“, доби одличен фидбек од неговите фанови. Соничното патување на Kiko Navarro, еден од најпрепознатливите брендови на хаус-музиката, трае веќе три децении. Роден е на Мајорка, па во неговиот звук се претопуваат изобилството од сонце и опуштената атмосфера на балеарскиот остров што сè уште го смета за свој дом. Kiko Navarro брзо по своите почетоци станал резидент во „Pacha“ во Палма и на Ибица. Потоа добил месечни настапи во „Space Ibiza“, а другото е историја.
Иако како диџеј е актуелен повеќе од 25 години, Kiko Navarro постојано го надоградува својот стил и токму поради тоа е еден од најбараните диџеи во најпрестижните светски клубови – „The Egg“ (London), „Fabric“ (Moscow), „Cocoon“ (Frankfurt), „Duel Beat“ (Naples), „Prive“ (Estonia), „Bolivar Beach Club“ (Athens). Од Лондон до Далечниот Исток, Кико има патувано насекаде со својата музика, правејќи им простор во неа на звуците од сите континенти што ги има посетено. Неговата страст е огромна, а селекцијата беспрекорна, без разлика дали настапува дома на фестивалските сцени на Southport Weekender и Southern Soul Festival или во некое темно, андерграунд место.
Неговата посветеност кон хаус-музиката се надополнува со љубовта кон афро-латино звуците уште од самите почетоци. Поврзаноста со „Pacha“ ќе го стави неговото име на микс компилацијата „The Latin Sound Of Pacha“ издадена од „Tommy Boy records“ во 2001. Работата со „Local Talk“, „King Street Sounds“ и „Osunlade’s Yoruba Records“ ќе го поврзе со врвни диџеи какви што се Gilles Peterson и Jeff Mills. По долгите светски турнеи во изминативе години, Кико се затвора во студио и во 2017 година го прави соло-албумот „Everything Happens For A Reason“ во издание на „BBE Records“ и со славни музички имиња како гости: DJ Spen, Concha Buika, Boris Dlugosch и Julie McKnight. Албумот доби одлични оценки благодарение на својата топлина, оригиналност и душа. Десет години по неговото дебитантско LP ‘Perceptions’, Кико направи orchestral верзија на „Soñando Contigo“ – хитот што го прослави ширум целиот свет.
Без разлика на тоа дали се создава нов материјал во студио или доминира на клупската сцена, музичката мисија на Кико останува негова доживотна посветеност. Kiko Navarro како дел од музичкиот бран на PopUp Music ќе го слушаме во „Епицентар“ на 31 мај! Не пропуштајте!