За мој вкус, филмовите за кои лесно можеш да одговориш дали се добри или не, не се доволен гледачки предизвик. Во ера на инстант блокбастери, мултимилионски франшизи и римејкови на стари класици, да гледаш повеќеслоен филм што третира сериозни теми на сериозен начин беше доволен поттик да го гледаме и да ни се допадне најновото филмско остварување на Милчо Манчевски.
На самиот почеток на екранот оди краток филм со наслов „The End of Time“, сниман на една обична улица во Куба, со кадри во слоумоушн. Ова кусо филмско искуство, иако тематски и концептуално различно од филмот, е нишка-најава за она што ќе следува, претставувајќи го човекот како приказна остров во поголемата приказна море, секој засебна приказна за себе. Манчевски никогаш не ги третирал децата во неговите филмови привилегирано, пристапот кон нив му е сериозен и рамноправен, што мене лично особено ми се допаѓа.
Веднаш потоа почнува „Бикини Мун“, а гледачите инстантно се вљубуваат во харизматичниот лик, маестрално одигран од Кондола Рашад уште на првиот кадар. Кондола Рашад игра многу важна улога во овој проект, нејзиниот придонес во филмот е од големо значење. Дејството е сместено во Њујорк, станува збор за жена бездомник со поствоени трауми, која е во битка со системот за својата ќерка преку битката со себеси и сопствените бубачки. Бикини не е обичен бездомник, таа е повеќеслоен, сложен карактер на војник, мајка, интелигентна жена што преживува како што знае и умее на безмилосните улици на заборавот и игнорирањето. Нејзината приказна е документирана од парот Кејт и Тревор, низ солидната глума на Сара Голдберг и Вил Јановиц, така што целиот филм преку автентичната камера се движи некаде помеѓу документарен и драма.
Како што пишува и на официјалната најавна шпица на филмот, „documentary about a fairytale“, филмот ги „демантира“ сите модерни бајки што почиваат врз верувањата на обичниот човек за нив. Нема бајка што суровата реалност и најинтимните пориви на човекот не можат да ја избришат. Нема лесни борби, уште помалку лесно добиени битки. Ништо не е извесно во процесот на личен раст, и во светот што го познаваме е наивно што било да се земе без резерва.
Без да откривам делови од комплексноста на приказната, би се задржала на надменоста во пристапот на „обичниот“ човек кон луѓето со документирани ментални проблеми. Најлесно се дискриминира она што не се познава, различното, поинаквото од нас самите. Бикини Мун мошне агресивно и самоуверено му се потсмева на тоа. Во ера на социјални медиуми, паметни уреди и колективна осаменост, таа е еден од Пировите победници против игнорантското општество самозалажувано со приказни за бајки и среќа. Ако барем еднаш не сме се запрашале дали сме луди, можеби нешто не е во ред со нас.
Крајот на филмот, по мое мислење, ја претставува круната на приказната, секоја поинаква верзија веројатно ќе беше разочарување. Доволно да го остави гледачот во своите стари, но и некои нови дилеми, како од морална, така и од колективна природа, каде што естетиката метастазира до непрепознавање поради идентичноста во која запаѓа.
„Бикини Мун“ не е убав филм за нежното око на гледачот навикнат на ефекти и сензационализам, туку приказна со тежина за која е потребно емотивно и психичко искуство за да се доживее.
И да, тотално би го носеле ликот на Милчо Манчевски на маичка, зашто тој тоа го заслужува.