Празничниот период е совршен за збогатување на листата на безвременски филмски остварувања. Во прилог, пет наслови кои ќе ви помогнат да откриете повеќе за себе, макар тоа било дали делите ист вкус за седмата уметност со авторот или можеби и да донесете значајна животна одлука со помош на протагонистите.
- Очи Широко Затворени (1999) – реж. Стенли Кјубрик
Последното парче од сложувалката на култниот режисер, а по многумина и круната на неговиот импозантен филмски опус. Мрачна драма исполнета со вредни дијалози кои ќе ви предизвикаат бура од чувства и мисли што ќе останат со вас и долго по завршниот кадар.
„Вилијам Харфорд (Т. Круз) е доктор кој љубопитно зачекорува кон непознатото во ноќта и ја открива темната страна на Њу Јорк додека неговата незадоволна сопруга (Н. Кидман) го чека дома.“
Студ, темнина и чекор надвор од комфорната зона се главните двигатели на филмот. Епската сцена во тајниот замок придружена од морничавата музика на Џослин Пук во комбинација со кадрите на Кјубрик е ремек-дело и дефинитивно една од најквалитетните во историјата на светската кинематографија.
- Плажата (2000) – реж. Дени Бојл
Идеален филм за да го поттикнете авантуристичкиот дух на почетокот од годината и да зачекорите на уникатно патешествие на плажите во Тајланд.
„Ричард (Л. Ди Каприо) е млад дечко кој жедно копнее за нови искуства и патува во Тајланд каде дознава дека има мистериозен напуштен остров што го опишуваат ко рајот на Земјата.“
Актерската игра на Ди Каприо, тиркизната боја на океанот и ослободувачката електронска музика на Моби се рецепт за одлична забава, а по крајот, замислете какво влијание имал филмот над гледачите на почетокот од новиот милениум ако и ден-денес е сѐ уште доживување за публиката и две децении по премиерата.
- Син Валентин (2010) – реж. Дерек Сианфранс
Несекојдневна љубовна драма на режисер чии сценарија секогаш ги набљудуваат човековите постапки низ призма на љубовта, без разлика дали таа е родителска, пријателска или партнерска.
„Дин (Р. Гозлинг) и Синди (М. Вилијамс) се на брачна раскрсница и тие искусуваат турбулентен период каде постојано преовладува пасивна агресија додека (не)свесно забораваат на нивното недалечно среќно минато.“
Прекрасна драма што ја претставува љубовната врска ко одисеја со падови и подеми, а истовремено филмот провоцира да дознаете дали дозволувате негативните мигови да ги надвладеат позитивните сеќавања.
- Во Дивината (2007) – реж. Шон Пен
Биографска драма заснована на вистинска приказна и фантастична адаптација на сценарио и режија под палката на Шон Пен. Исто така, маестралната актерска игра на Хирш ја заслужува секоја пофалба и тој совршено го доловува слободоумниот номадски дух на протагонистот.
„Крис (Е. Хирш) дипломира и одненадеж одлучува да се откаже од материјалните добра. Тој заминува да живее изолирано во дивината во обид да се запознае самиот себеси.“
Животните дилеми што будно го следат протагонистот се суштински прашања за човековото постоење кои директно одлучуваат за нашата личност и карактер, а гледачите се принудени да дознаат повеќе за сопствените морални судови и нештата кои ги прават среќни.
- Спијачи (1996) – реж. Бери Левинсон
Дел од златната ера на одлични драма филмови од 90те години кои за жал, денес се сѐ поретки и прераснуваат во ендемски вид.
„Млади момчиња завршуваат во поправен дом откако нивната забава се претвора во трагедија. Но, најстрашниот комшар допрва следи и во домот искусуваат тортура и добиваат лузни кои никогаш не закрепнуваат.“
Трогателна приказна заснована на вистински настани за оцрнување на детски животи проследена со фантастична актерска игра на врвната екипа предводена од Роберт Де Ниро и Кевин Бејкон.
Филип Мишов