PopUp Rating: 4/5
„Песна без наслов“ е долгометражен црно-бел игран филм на Мелина Леон за трговијата со деца ширум Латинска Америка и за макотрпниот живот на граѓаните на Перу во 80-тите години од минатиот век. Сценариото на авторката Мелина е инспирирано од вистински настани и се наметнува како интимно остварување, а тоа го потврдува и податокот дека еден од ликовите (Педро) е кроен по нејзиниот татко Исмаел Леон, кој бил истражувачки новинар. Исто така, веднаш се забележува намерата на Латиноамериканката да ги доближи и да ги запознае гледачите со карактеристиките на перуанскиот народ и сеприсутни се фолклорните песни, танци и носии. Тешката приказна на беспомошната мајка е јадрото на дејството, но во заднина мудро е претставена анархијата што владее во нефункционалната држава.
Автентичните исечоци од вести за сиромаштијата, недостигот на електрична енергија и вода за пиење, хиперинфлацијата и црната хроника се дел од секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите. Режијата плени со впечатливи сцени што ја пренесуваат траорната болка на протагонистката, а во една од нив Жоржина го лула ќебето облеана во солзи и му пее детска песна со треперлив глас, додека тагува за новороденчето што не ѝ дозволија ниту да го прегрне. Ударната музика од жичаните инструменти постoјaно ја зајакнува морничавата атмосфера.
Директорот на фотографија има клучен удел во моќниот пренос на чувствата. Инти Брионес употребува долги статични кадри, фокусирајќи се на безнадежната протагонистка, а камерата трпеливо се претвора во крупен кадар и доловува чиста емоција.
Минатата година ја одбележа солидната актерска игра на Ванеса Кирби во „Парчиња од жена“, но перформансот на Памела Мендоза во улогата на Жоржина е мошне поуверлив при речиси идентична задача. Таа ја поседува тажната нишка во кревкиот поглед, која е неопходна за ролјата и демонстрира силен мајчински инстинкт. Во другите улоги, глумецот Томи Параха е допадлив како решителниот новинар Педро, но неговиот партнер Мајкол Ернандез е далеку подобар и покрај минорната појава на платното.
Лесно воочливо е влијанието над режисерката од легендарниот Алфонсо Куарон, а неизбежна е компарацијата со неговиот последен филм. „Песна без наслов“ е искрено, ветувачко деби на талентираната Мелина и обработува тема вредна за потсетување и навраќање на минатото. До ден-денес голем број родители сè уште неуморно трагаат низ американскиот континент по своите деца и се надеваат дека повторно ќе бидат заедно. Исто така, филмот ја истакнува релевантноста на новинарската професија кога надлежните органи не ја извршуваат должноста секогаш да бидат присутни за граѓаните.
На филмот несомнено му недостасува позрела монтажа, а фитилот на сценариото бавно согорува и нетрпеливата публика желна за акција најверојатно нема да го дочека епилогот. Но, црно-белата кинематографија на Брионес и актерската игра на Мендоза комбинираат за квалитетно филмско остварување од скромни 97 минути каде што уметноста победува. „Песна без наслов“ живее долг и успешен фестивалски живот дури и две години по премиерата, а неодамна беше дел од најголемиот фестивал во Литванија во категоријата вредни филмски откритија.
Филип Мишов