Според понудената програма, овогодишното издание на Крај Вардарот Џез Фестивал е досега најквалитетното и најразновидно досега. Нуди мошне интересни гости и се разбира цврста домашна програма, која го одразува реланиот ангажман на дискографската куќа ПМГЏЕЗ – организатор на фестивалот. Покрај хрватската џез атракција Chui, Perforto од Полска се другите странски гости на фестивалот. Современи и апстрактни, далечни, а сепак блиски, Перфорто ќе додадат еден поинаков слој и нијанса на фестивалот, кој широкоградо претендира да биде модерен и отворен. Перфорто се тука со посредство на европската фестивалска платформа МОСТ, чија функција е токму засилување на соработката на нашиот регион со Европа. Се чини добра е идеја, кратко да се запознаеме со овие загадочни музичари кои доаѓаат од северот на континентот.
Кои се Perforto? Од каде сте? Колку време свирите заедно?
Перфорто се Ола Жепка на темперирано пиано и Лукаш Марчињак на електрична гитара. Доаѓаме од јужниот дел на Полска, Катовице (Шлезија). Заедно свириме од почетокот на 2022, а нашиот прв албум “Uragano” ќе се појави кон крајот на јуни.
Која е приказната позади Перфорто? Има некоја философија, или само музика? 🙂
Имав идеја, всушност потреба да создадам стринг дует, но не за две гитари (јас свирам гитара нели), туку гитара и некој друг жичан инструмент. Ола без размислување прифати буквално се втурнавме во работа без никакви предрасуди, или претпоставки. Едноставно се среќававме на проби и само свиревме адекватно на заедничкиот именител на музичките традиции кои ги почитуваме. Всушност, сега веќе не сум ни сигурен дали сме жичано дуо или удирачко дуо. Дојдете на концерт проверете 🙂
Поканети сте да свирите на тнр. Џез фестивал. Како гледате на себе, колку врска имате со џез традицијата?
Навистина не знам колку сме навистина џез бенд. Колку што надградуваме врз џез традициите, исто толку сме инспирирани од современите композитори, авангардата, но и сите звуци кои не опкружуваат: звуците на градот, шумата и се разбира, тишината.
Секако дека Перфорто не е единствен проект во кој работите…
Да, зафатени сме со многу други нешта. Музички мојата кооперација со Ола започна во Brzoska Kolektyw Sextet, каде оптимално комбинираме музика со поезија. Ола таму свири тапани. Мислам дека е вредно да се истакне дека Ола главно е заинтересирана за тапани, тоа и свири во повеќето нејзини проекти. Класично е образувана на пијано, а токму тоа ќе го “свири“ на вашиот фестивал. Јас водам неколку фри-џез бендови: Trio el Topo, Trio io, со кои третираме камерна музика.
Сте биле некогаш во Скопје, или Македонија? Како се чувствувате околу доаѓањето овде?
Никогаш не сме биле во Скопје. Чувствуваме вистинска возбуда поради посетата на вашата земја. Имаме 3 дена на располагање кај вас и се надеваме дека ќе успееме да искусиме дел од градот, локалната кујна и се разбира, успешно ќе се појавиме на Крај Вардарот Џез Фестивал, не само како изведувачи.
Мирко Попов