Во новата серија текстови под работен наслов œuvre (фр. уметничко дело) ќе претставуваме избор од делата на најпознатите светски и домашни уметници. Иако интернационално прифатениот збор œuvre во поширока смисла го опфаќа целиот корпус дела на еден уметник, поради ограничениот простор разбирливо се одлучивме да прикажеме само дел, а вие слободно можете да ја надополнувате листата со ваши предлози 😊
Прв е Густав Климт (1862-1918), водечка фигура на Виенската сецесија, уметничкото движење што се побунило против веќе воспоставените концепти во уметноста и вовело нов стил сличен на art nouveau. Иако овој австриски сликар често ги шокирал критичарите со своите невообичаени техники и провокативни тематики (за тоа време), сепак денес важи за еден од најдобрите европски уметници. Без неговите дела не може да помине ниту една колекција на најдобрите слики на сите времиња. Климт не сакал да се социјализира, а во една пригода рекол: Тој што сака да знае нешто за мене – како уметник, треба внимателно да ги погледне моите слики, и во нив да види што сум јас и што сакам да правам. Го послушавме:
Бакнежот
Веројатно најпознатата слика на Густав Климт е централно дело на Виенската сецесија и едно од најдобрите уметнички дела од раниот модернизам. „Бакнежот“ прикажува двајца љубовници во прегратка на самиот раб на поле со цвеќиња или ливада. Сликата ги воодушевила критичарите уште при првото претставување во 1908 година, а галеријата Белведере (Österreichische Galerie Belvedere) веднаш ја купила и покрај тоа што во тој момент не била довршена. Климт ја комплетирал сликата (180 x 180 cm) во 1909. Оттогаш таа може да се види во галеријата Белведере во Виена.
Портретот на Адел Блох Бауер I
Портретот на Адел Блох Бауер I комплетиран во 1907 година е првиот од двата портрета на Адел Блох Бауер, сопруга на влијателниот индустријалец Фердинанд Блох Бауер, кој финансиски го поддржувал Климт. Последната слика од т.н. златна фаза на Климт првично требало да биде донирана на галеријата Белведере, но по смртта на Адел, нејзиниот сопруг го зачувал ремек-делото во димензии 138 x 138 cm. За време на нацистичката окупација на Австрија, сликата била конфискувана, а тоа подоцна довело до спор околу сопственоста помеѓу австриската држава и наследниците на Блох Бауер. Последниве ја добиле битката и во 2006 му го продале портретот на Роналд Лаудер за њујоршката Neue Galerie во вредност од 135 милиони долари.
Данаја
Данаја е слика изработена со маслени бои што ја прикажува Данаја, ќерката на Акрисиј, митолошки цар на Аргос. Пророчиштето од Делфи му кажува на Акрисиј дека еден ден ќе биде убиен од синот на Данаја. За да го спречи тоа, Акрисиј ја затвора својата ќерка во бронзена подземна ќелија за да не зачне. Една вечер, Зевс ја посетил Данаја во форма на златен дожд и ја обљубил. Климт го доловил токму тој момент преку златниот дожд помеѓу нејзините нозе. Сликата што била завршена во 1907 година е изложена во виенската галерија Würthle.
Јудит I
На оваа слика е прикажана библиската вдовица Јудит, која ја држи отсечената глава на асирискиот генерал Холоферн. Убавата еврејска вдовица влегува во непријателскиот логор со цел да го заведе генералот и да ја придобие неговата наклоност за подоцна да го убие. Една ноќ убавата вдовица ќе го искористи пијанството на Холоферн за да му ја отсече главата, со тоа помагајќи им на Израелците да ја поразат непријателската војска. Сликата Јудит I била завршена во 1901 година и денес е изложена во галеријата Белведере во Виена.
Трите доба на жената
Оваа слика (198 x 178 cm) прикажува три жени во три различни стадиуми од животот: детство, младост/мајчинство и старост. Се смета дека возрасната жена што го покрива лицето со рака е инспирирана од статуата „Старата куртизана“ на Огист Роден. Сликата за првпат ѝ била претставена на јавноста во 1910 година во Венеција. Две години подоцна била откупена од Националната галерија за модерна уметност во Рим, каде што е изложена и денес.