Седум музички нумери и стихови од неколку великани на македонскиот пишан збор, десетина исклучително талентирани музички соработници и висока естетика на аранжманите и продукцијата содржи албумот „FIN Project Orchestra“. Станува збор за петтото албумско остварување на „ФИН Проект“, а приказната за десетгодишното опстојување на проектот ја откриваме со авторот, композитор и продуцент Никола Стојковски.
Својот десетгодишен јубилеј „ФИН Проект“, пред 15-ина дена, го одбележа со промоција на новиот албум „FIN Project Orchestra“. Префинето музичко искуство, длабоко знаење за музиката и голем број музички соработки се акумулирани на албумот. Дали само јубилејот на проектот беше повод за неговото создавање?
– Секако дека јубилејот 10 години „FIN Project“ сам по себе е доволен повод за создавањето на албумот, но тука беше и идејата која веќе некое време тлееше во мене за амалгам на звукот на „FIN Project“ со оркестар. Така и се разработи идејата, дел од досегашната моја дискографија да биде оркестрирана. Избрав седум композиции од претходните четири албуми, „Битови и орнаменти / во Македонија“, „Едно е сонцето“, „Ре:визија“ и „Време.Живот.Слобода“ за кои заедно со моите соработници Јован Јовановски, Сенад Усеин и Билјана Петровска како аранжери и јас како продуцент срочивме исто толку композиции кои се најдоа на овој албум.
Албумот опфаќа материјал од различните периоди на музички израз низ годините. Периодот на фузирање на современа електронска музика со традиционалната македонска изворна музика, но и воопшто музиката на светот, како и периодот во кој мојот фокус беше кон спојот на електронската музика и џезот. Предизвик и инспирација кои ја споија оваа екипа да го создаде „FIN Project Orchestra“.
Во музиката на „ФИН Проект“ нежно се вткаени амбиентална и традиционална музика, лирски гласови и хорски изблици, соло инструменти и оркестарски делници. Како и кога се создаваше албумот?
– Времето на создавањето на албумот беше исклучително турбулентно. Постпандемиската година, во која на мое огромно жалење се случи и огромната наша загуба со прераното заминување на мојот, нашиот голем пријател и виртуоз на труба, Александар Николовски, кому го посветив овој албум. Во исто време, сето ова беше и инспирација за да се создаде албумот. Соработката со Јовановски, Усеин и Петровска во студиото на „FIN Project“, резултираше со албум кој беше завршен кон крајот на минатата година.
Пет албумски проекти стојат зад „ФИН Проект“, секој од нив со „иста“ креативна подлога, а секој различен по својата форма. Што е „исто“, а што „различно“ на проектите?
– Секој од петте албуми досега е приказна сама за себе. Она што од моја страна е константа низ целиот период на создавање се инспирацијата и посветеноста, љубовта и поривот да се создаде автентична и оригинална музика, која публиката на мое огромно задоволство ја карактеризира како суптилна, префинета, длабока и продукциски на ниво кое е потребно за комплетно уживање. Исклучително важна е и енергијата која се случува пред, за време и по создавањето на музиката помеѓу сите мои драги луѓе, кои во улога на соработници беа или сѐ уште се дел од оваа музичка приказна. Секој од албумите има своја специфика и стил на изразување, притоа задржувајќи го сензибилитетот кој е карактеристичен за „FIN Project“.
Голем број соработници се наведени кај последното албумско остварување. Колку поголем е нивниот број на сите пет албуми?
– Во посветата на албумот по повод десетгодишниот јубилеј, уште еднаш се заблагодарив на сите прекрасни луѓе, мои колеги со кои делевме и сѐ уште делиме вредности во однос на музиката, уметноста и културата, воопшто. Некои од нив се млади и извонредно талентирани музичари чие време веќе дојде, како Даниел Маневски, Филип Димишковски, Иван Петровски, но и оние кои веќе оставиле исклучителен белег на македонската музичка сцена, како Влатко Георгиев, Горан Трајкоски – Готра, Васко Атанасоски, Ненад Стефановски, заедно со стандардните членови, прекрасната Калина Велковска и незаменливиот Александар Николовски, беа дел од музичкиот свет на „FIN Project“. Голем придонес во растењето на оваа „моја мала утопија“ има и реномираната издавачка куќа „M-Sol Records“, со која соработувам од 2017 година.
Како автор и композитор, што прво се појавува како инспирација за композициите?
– Секој вид уметност во себе носи одредена порака или филозофија која воедно е и инспирација, порив за творење. Времето во кое живееме, како и секој друг период во минатото, со себе носат различни ситуации кои будат различни емоции, на среќа и тага, оптимизам, но понекогаш и апатија, будејќи ги креативните мисли кај секој уметник, кој на свој начин го отсликува токму тоа време преку неговото творештво. Токму тоа се иницијалните нешта кои се инспирација и за мене како автор, па преку музиката и текстовите се обидувам да пренесам енергија и ја потенцирам важноста на човечноста, културата, правото на еднаквост, слободата, во истовреме почитувајќи и потсетувајќи на вредностите кои се корен на македонската култура. Тоа е концепт со кој би сакал да придонесам кон она што значи култура на живеење, убавината на различностите, етика и морал како основа за цивилизациски напредок, нешта кои веќе подолг временски период се во сериозна криза враќајќи го светот наназад во времиња на војни, нетрпеливост и некултура.
Сите албуми на „ФИН Проект“ се одликуваат со одлична продукција. Колку вистинската употреба на технологијата овозможува да се кристализира идејата на авторот на музиката?
– Благодарам за констатацијата. Знаете, кога сте родени со музиката, притоа ви е и професија и хоби, вашиот партнер е музичар, а исто така сте и зависник од истата, веројатно вашата констатација е неминовна. Естетиката ми е исклучително важна, а продукцијата е составен дел од неа.
Која е Вашата праоснова, првиот почеток и влез во музичката уметност?
– Роден во семејство вљубеници во музика, со префинет вкус и однос кон уметноста воопшто, лесно бев заведен од неа. Растев и се школував во круг на другари и пријатели со истиот интерес, па многу рано почнав како диџеј. Таа љубов траеше прилично време, сѐ до моментот кога конечно одлучив да создавам сопствена музика, која на самиот почеток беше електронска денс музика, па постепено се развиваше сѐ до денес, кога „FIN Project“ одбележува десетгодишнина.
Планирана ли е концертна промоција на новиот албум?
– Секако. Оркестарската изведба на материјалот е своевидно заокружување на процесот. Самиот формат на проектот, албумот „FIN Project Orchestra“ е голем и предвидува оркестар од триесет музичари, плус членовите на бендот. Земајќи го тоа предвид, и доколку сѐ биде во ред, се надевам дека ќе успееме да го реализираме концертот до крајот на годината.
Tони Димков
Фотографии: Наташа Латиновска, Огнен Ацевски