Со Никола Коџабашија се сретнавме во јануари во Скопје, на роденден кај сликарот Миро Масин. Тој долги години живее и работи во Англија и се немавме видено неколку години. Кратко си помуабетивме, но „сериозниов“ разговор се договоривме да го направиме онлајн кога ќе се врати дома во Лондон, по пробите во Leeds Playhouse, Англија.
Коџабашија е композитор и раскажувач. Музичкото образование го започнал во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, го продолжил на ФМУ во Скопје каде што дипломирал пијано кај (како што вели) единствената Јасминка Чакар и композиција во класата на незаборавниот Зози, Томислав Зографски. За влијателни учители ги смета и Снежана Анастасова Чадиковска, Рита Трпчева и магот на македонската џез-музика Илија Пејовски. Како стипендист на романското министерство за образование завршува постдипломски студии по композиција на Музичката академија „Џорџ Енеску“ во Букурешт, Романија, во класата на Анатол Виеру, инаку негов идол од студентските денови. Како британски стипендист магистрира композиција на „Кралскиот колеџ“ од Лондон кај славниот Сер Харисон Бртвисл, кој неодамна почина. Никола Коџабашија истовремено предавал композиција на истиот колеџ, а во сезоната 2001/02 бил и композитор/музички раководител и диригент во „Националниот театар Лондон“. Од 2013-та почнува неговата најплодна соработка со еден од водечките британски режисери Доминик Хил, во Градскиот театар на градот Глазгов, кој денес тој го нарекува „мојот театар и креативен дом“. Зад ова партнерство се 15-ина меѓународни успеси, награди, номинации, и радост, како што вели Коџабашија. Годинава треба да се отвори и нивната реновирана театарска зграда со премиера и нова партитура на Коџабашија.
Неговите композиторски почетоци се главно со еклектичен неокласичен и модален призвук, но потоа започнал и неговиот интерес за полистилизмот, џезот, експерименталната електро-акустична музика, но пред сѐ применета музика, за театар, танц, телевизија и филм. Престојот во Лондон и соработката со режисерски или композиторски имиња како Сер Питер Хол, Сер Хари Бртвисл, Кетрин Хантер, Џонатан Кент, Волтер Мејерјохан, навеле да се реализира особено во сферата на таканаречената „сценска применета музика“. Од ова произлегле околу 40-ина музичко-сценски спектакли, меѓу кои „Баханалии“ според Еврипид со кој го отвориле меѓународниот фестивал на старогрчка драма „Епидаурус во 2001“, како и музиката за Аристофановата фарса „Птици“ во режија на Кетрин Хантер, за што бил номиниран за престижната британска награда од областа на културата и уметноста – „Arts Foundation Award“ . Како сценски композитор гостувал на сцените на театарот на Питер Брук „Буфес ду Норд“ во Париз, на националните театри во Италија, Данска, Германија, Јапонија, Тајван, Турција, Грција, САД, Австралија итн.
Соработувал и со македонски музичари на многу проекти, меѓу кои најдраг му е основањето и работата на Алшар ансамбл 1996-2001. Автор е на првата македонска партитура за Венецијанското биенале на музиката во 2004 година. Работи музика за Фабиен Провил од Пина Бауш по повод нејзината јубилејна музејска ретроспектива во Бон. Издавач на неговата музика е престижната „Рекомендед рекордс – РеР Мегакорп“. Пишува, оркестрира и диригира партитури за повеќе играни и документарни филмови, но вели дека нема ништо споредливо со сцената. Автор е и на првиот современ македонски мјузикл „Пенелопе Икс“ (2013) што го смета за „суреално соочување со реалноста во родната грутка“. Не конкурирал за средства во Министерството за култура на Македонија десетина години, бидејќи не гледа ништо освен повторно „суреално соочување со реалноста во родната грутка“. Го сака Глазгов, како и Скопје кое „требаше да биде“.
Како си, каде си? Се враќаш од некаде? Или одиш?
Благодарам, добро, во папучи по дома во јужен Лондон! Штотуку се вратив од Лидс, Северна Англија, по втората рунда проби со театарската трупа на Leeds Playhouse, „Performance Ensemble“… и едвај чекам да продолжиме со проби.
Што работиш во Лидс?
По покана на Алан Лидијард (74), познат британски режисер, во октомври 2022 почнавме да развиваме нова музичко-сценска поставка „СИНФОНИЈА (1.001 приказна)“, заснована на вистински животни истории (или гледишта на светот) од луѓе во своите зрели 70-ти и 80-ти години од животот. Како референца, ако не се лажам, Алан Лидијард има поставувано и текст на Дејан Дуковски пред 15-ина години во Данска. Неговата театарска компанија е составена од 50-ина изведувачи, дел некогашни професионални глумци, танчари, но дел и аматери (условно) што се токму на оваа возраст. Природно се наметна идејата „текстот“ да биде музичка партитура наместо линеарна јазична форма а приказните да произлегуваат од овој музички пејзаж. Нешто како музички албум во сцени. Конечно и самиот ансамбл ја прегрна оваа перспектива.
Инаку, ова е дел од циклусот „1.001 приказна“ за Лидс, Град на културата 2023 во Британија. Идејата е обичниот граѓанин да ја раскаже сопствената (дури и) интимна приказна непосредно пред своите сограѓани. Да се соочи со припадноста и со предрасудите на своето непосредно општество сега и тука. Наизменично следуваат изведби на група, па солист или: Tutti vs.Soli. Метафора за индивидуалецот наспроти општеството и обратно.
За изведувачи на возраст меѓу 65 и 85 години ова е голем предизвик, но овој ансамбл гори со порив за раскажување и изведување. Како Дон Кихоти во пресметка со табуата, баналноста и конечноста. Луѓе во зрела доба, кои одат на сѐ или ништо.
Работиш и нешто паралелно?
Работам на циклус иронични песни, по поеми на Џон Пол, еден феноменален шкотски писател, глумец. Почнавме уште за време на пандемијата да разменуваме текстови и музички идеи. Си играме со изместени стилски и жанровски контексти. Ги интерпретираа наши заеднички пријатели и соработници, еминентни глумици, глумци. Се снимаа на телефон и ми ги испраќаа читањата, потоа ги облекував во музички аранжман. Излегоа до сега 3-4. „Најхит“ сега-засега ни е „Евнух бејби“. Се тегавам да ги завршам и се наѕира некакво апокалиптично кабаре полно со очај, иронија, но и со голема радост.
По 2010 година повторно соработувам со Роуз Бетс, извонреден вокал, веќе стана ѕвезда и сега живее во ЛА. Во декември ми нарача песни за нејзиниот нов албум. Сака радикално нов материјал, акустичен, похрабро отклонет кон авторска оригиналност. Некаков хибрид на древна популарна музика со неокласицизам, џез и којзнае уште што не.
Зад нас е пандемиската изолираност. Дали за тебе тоа беше плоден или празен период? Која е твојата рефлексија од овој период?
Сите бевме принудени на рефлектирање. Мене исклучително ми годеше принудната пауза од проби, летање, враќање, пишување, пак проби, пак летање и така во бескраен круг со години. Принудно согледав дека сум бил потрошен. И искрено, свесно престанав да пишувам еден период. Имав толку позитивно откровение со куќни мајсторлаци, поправање, фарбање ѕидови, читав и слушав многу многу музика, главно плочи, музика што и ја нема баш по торентчиња и на Јутјуб.
Како и многумина, имав и трауматични искуства, згаснати животи, бесмислен губиток на пријателства. Но, добив време да си повторам што е непосредност и блискост. Бизарно е што губитокот нѐ учи колку било реално нашето нематеријално имање или сме биле во илузија дека воопшто имаме. Пандемијата ни овозможи да ги согледаме вредностите бидејќи реалноста продолжи да постои дури и кога престанавме да веруваме во неа. Дали ќе се сеќаваме доволно долго што научивме од овој приод е личен избор.
Во тој период најголемиот удар како да го почувствуваа луѓето во културата и во образованието. Оваа година, пак, со отворањето на културните институции, се случи неверојатна продукција и многубројна публика без и најмал страв присуствува на многубројните културни случувања. Дали се врати светот во нормала? Се чувствува ли некаква промена во однос на работата, на подобро, полошо? Научивме ли нешто од пандемискиот период, да цениме повеќе и што? Како е во Англија?
Ништо повеќе никаде нема да биде исто, но јасно сонце ќе зајде, ќе изгрее, животот продолжува! Секој со своја поука. Како и да е, сепак најтешко им беше на здравствените работници. А културата и образованието е „нормално“ да бидат индикатори при секоја криза. Кој го интересира култура и образование кога се размислува за опстанок?
Дали ги следиш случувањата во Македонија, се исклучи од сите социјални мрежи.
Социјалните мрежи нудат главно дисторзија на реалноста, а неретко се многу токсични. Откако се исклучив, само добив време да ги продлабочам односите со најблиските или да презапознаам нови пријатели. Не ми паѓа на памет да се логирам пак, можеби ќе морам, не знам.
Сепак, гледам што се случува во Македонија, но не низ ФБ, Твит, Трт-Прт канализација. Истовремено ги разбирам луѓето во Македонија, кои сѐ уште се активни на социјалните мрежи бидејќи немаат алтернатива по македонскиот медиумски помор. На пример, во отсуство на медиуми единствено преку социјалните мрежи можете да дознаете каде има изложба, концерт или претстава. Не постои ниту една сеопфатна медиумска редакција или рубрика што ја следи културата, освен одредени сајтови чија целна група се повторно исклучиво социјалните мрежи. Ова го говорам како сознание од минимум 10-ина мои референти пријатели дома. И им верувам.
Колку често доаѓаш во Скопје и како ја доживуваш секоја нова средба со градот? Се менува ли, каква ти е комуникацијата со пријателите овде? Се изгубивме или се наоѓаме?
Не доаѓам колку што би сакал. Во Скопје сум роден и формиран и најважно од сѐ е дека тука живеат луѓе без кои просто не би ми било ништо целосно. Се разбира дека имам комуникација (е сега, мак-стил на комуникација е малце „турбо-глич со слутња нон стоп“). Добро, тоа е електро-фолк елеменат (смајли со кифче). Не сум ни јас најфиниот де, скраја да е! Односно се губиме и се наоѓаме, но без многу елеганција во егоизмот, без доволно смисла за себеиронизирање, прво лице третина.
Да не издоминирав, а? 🙂
Дали имаш покани за работа во Македонија да предаваш, да компонираш, да изведуваш, од нашите институции ?
Освен Адем Карага од Театарот на албанската драма и Александар Пејчи за потенцијална клупска свирка со Крис Катлер од Хенри Кау (пред неколку години), никој друг отворено не ме поканил. Да предавам? Па ич. Конечно, тоа е МК-сцена: „стрепња и слутња“. Поважно е да си поседиме заедно макар и на час-два ќутење.
А покана од своите колеги?
Тоа да. Имаме топли конспиративни планови – покани за соработка со многу мои колеги од музиката и од театарот. Нела Витошевиќ ме покани да соработуваме на еден нејзин потенцијален проект, но поради разидувања остана нереализирано, но така е секаде (искрено, никого не обвинувам). Потоа падна морска идеја со моите другарчиња од групата БЛА БЛА БЛА за соработка на проширен оркестарски проект. Имам „официјална потреба“ да пеам придружни вокали у „Бенд Оф“ (имам и доказ во есемес). И тоа за најозбилно ќе мора да се одработи. Морам да споменам Магу Кондовски одамна бара да му пишувам музика за документарец. Тоа со голем ќеф мора да се направи. Ќе сработиме нешто сигурно еден ден, но најголемата мистерија се институциите и еснафот. Мене како да ми владее збунка, рокада на улогите, кој кому треба да му служи!? Можеби грешам, не знам. Можеби само имам манифестација оф Света Богороица на-сон?
Инаку да не комплицирам, сѐ друго е многубао!
Ја следиш ли нивната работа, на твоите колеги во Македонија?
Да, следам со големо задоволство колку што времето дозволува. Еден број мои колеги музичари или сценски креативци неуморно работат, раскажуваат, интерпретираат и предизвикуваат. Но, ќе ја скршам догмата и ќе забележам дека често публиката, па и општеството, не ги цени (ни заслужува) доволно.
Можно ли е да те видиме и чуеме со некој твој нов проект на нашите сцени?
Многу би сакал, но искрено, не знам! Тоа е прашање на македонските менаџери на релевантните институции, кои се разбира неуморно работат во согласност со правилата и законите. Ама ќе биде, што не било. Па и да не биде, не верувам дека некој ќе се потресе 🙂 и онака според Џејмс Џојс: „Историјата е кошмар од кој се обидувам да се разбудам“.
По толку години творејќи надвор од државава, во многу театри, што можеш да ни кажеш за односот кон работата, професионалноста. Што е исто, а што различно таму и тука?
Секаде е иста потребата да се реализираме преку раскажување, споделуваме приказни за да се провериме, осознаеме. Тоа е човечки рудиментарно, нели? Секаде има своевидна криза на идентитетот. Тоа го наметна растројството меѓу технолошкиот напредок и нашиот скромен талент. Една чета наши изведувачи и креативци (од ноќни клубови до државни институции) тоа го знаат и создаваат со голема посветеност и умешност иако публиката или поточно општеството „хибернира у чежња и слутња“. Тоа е реално за почит. Но, фрапантно е новосоздаденото мнозинство културни работници, кои сами си се нарекуваат „сфецки уметници и дубоко си верујат дека си се најбољи и никој не знае 7/8мини македонски ритмови како нас, само ние сме неоткриената мистерија бидејќи јадеме Лорандит и „како Струга нема друга“. Тоа е малце како ренесанса ама која зависи од хороскоп. Не знам.
Не би се дрзнал да правам споредби со Британија. Во контекстов би било неумесно. Пред да се споредуваме, треба суштински да се презапознаеме, да се преродиме. И тоа не е ништо страшно ниту, па, толку револуционерно. Тоа е циклусот на животот, со таа разлика што нашата култура, иако богата, е сепак многу мала во споредба со сите други комшиски културни, духовни запченици, кои се вртат во сопствените историски циклуси. И може да нѐ сомелат. Ни тоа не е ништо ново. Културите се раѓаат, живеат, „влагаат у турбо-фолк период“ и умираат. Па се преродуваат во нешто ново или, пак, влегуваат во нечиј друг часовник. Прашањето е дали НИЕ имаме потреба од нас самите, макар и со мал и скршлив екосистем, а не дали ќе нѐ признаат Бугари, Грци, Пеонци и Геги и Јуропијан Јунион оф Јунајтед Стејц. Идентитетот е конструкт и на најстарите и на најмоќните нации. Тој има една улога денес, но утре можеби ќе се попишмани. Така е и за нас. Нашиот идентитет е наш конструкт и ако нам ни треба ќе си го дотеруваме, ќе си го сакаме, ќе си го бесиме ко гобленче и не е ни толку, па, важно дали некој друг нас ќе нѐ бендиса.
Пак да не издоминираФ 122?
Јас сум оптимист дека ќе ни се „деси животче“ и то финко. Но, само ако сме си непосредно потребни еден на друг. Не за лајкчиња и љубоморни тролчиња пред монитор. Потребни да се смееме на сопствената сметка а не на соседот во мака, да учиме, да се препираме кој што научил а не кој што си мисли дека знае, но пред сѐ, да се сослушаме! Не за да победиме туку за да опстанеме. (Гаси рутер се отвориФ, иде зум аут, Музика Хајдн, Скопје, Македонија, Медитеран, Планета Земја, Сончев Систем, Кумова Слама… Абер дојде Донке, Андромеда и Холивут)
Имаш ли совет за нашите институции (ако им треба 🙂)?
Секое влијание и совет е всушност аморален (цитат затворен)! Стопанисувам само во 10-ина држави, 20 и кусур години мислам дека немам право да влијаам врз стратегиите на македонската глобална институционална етика. Нека созрева според заслугите и потребите. Молкот е можеби единствениот преостанат глас на оваа апсурдна „опшесвена“ еволуција.
Зошто го велам тоа? Да не заборавиме, до пред 60-70 години кај нас немаше ни Филхармонија, ни Опера, ни Балет, па ни Танец ни МКЦ. Немаше ни топла вода, ни патишта, ни доволно училишта. Сега имаме какви-такви. Повторно прашањето е во каква општествена улога тие нам ни требаат. Каква применета вредност има таа наша инвестиција? Можеби никаква, но можеби ќе ги претвориме во центри на светската артифишал интелиџенс аудиовизуелна авангарда? Можеби ќе ги оставиме да прокиснат! Арно ама, ќе ги накитиме да светкаат како Естрадни центри за холивуцки aкорди? Тоа ни е можеби нас „сфецко достигнуќе“ (наспроти купатило и топла вода за секое домаќинство). Конечно и тоа не е ВООПШТО лошо. Колку сме заслужиле? До следниот обрт на цивилизациите, толку? И тоа е ќар!
Како е со младоста, сѐ уште е одлука? J Како младуваш, посетуваш концерти, претстави, пабови, читаш, пишуваш…
Младост е одлука (додека не отидеш на систематски преглед или не дај Боже на пливање) сепак и тоа е чист ќар.
Сакам радио, слушам опскурни бизарни и досадни плочи, ги слушам во целост со вртење страна А, страна Б. Читам, да, главно есеистика. Читам и работи што едвај ги разбирам (срам ми е да кажам, ќе ми се смеете), но реално и главно растам деца и спонзорирам студентка на која сум исклучително горд. Ретко одам по пабови во Лондон. Повеќе по дома готвам за блиските (и ги гњавам со овие горенаведените досадни плочи). Лондон е сигурно сѐ уште возбудлив за 20-30, па и за 40-годишни. Но, поретко го општам. Да, знам, изборот е богат, и одам по концерти но повторно ретко и со музики што никој не ги слуша. Сакам изложби во работни денови, пред ручек. Но кога престојувам во Глазгов, кога работам во мојот театар, Citizens Theatre, да, по пробите одам во мојот паб и не гледам во телефон. Гледам во пријатели, во лица на туѓинци, во чаши на барот, во пумпите за пиво, во лустери но не толку во телефон. Убавината е речиси редовно пред носот во „сега и тука“.
Што би си посакал, имаш ли нереализирани соништа? Мечтаеш ли за нешто?
Ме терате да одиме во длабокото да се уплеткам во самобендисана цитатоманија. Ама за атер на формава ќе се оскромнам: Посакувам да сме пострпливи, да се сослушаме што ни зборува другиот наместо да дрдориме едно те исто за хорорите на капитализмот. Ниту еден сон не ми е успешно реализиран, но работам на анализата, стрпливо, кошмар по кошмар. Секогаш мечтаам за искрено, долго смеење со луѓе. Со сите, секаде, во исто време, ама сега и тука.
Илинка Делчева