Минатиот ноември, пред еднодневната изложба на Дарко Алексовски во галеријата на Факултетот за ликовни уметности, разговаравме со него за проектот „Present Past Perfect / Сегашно минато несвршено“ (разговорот можете да го прочитате овде). Како дел од тој проект, тогаш беа изложени седум писма создадени на машина за пишување. Овие неадресирани и неиспратени интимни писма полни со емоции и исповеди беа поставени на седум столчиња и беа замислени да се читаат едно по едно, преместувајќи се од столче на столче. Овој динамичен процес кој се одвиваше со преместувањето ја надополнуваше временската и емотивната динамика на содржината на писмата. Токму перформативноста на читањето и сценографијата беа аспектите каде се наоѓаше изложбениот карактер на овие писма. Оттука и идејата овие писма да се постават во друг простор со поинаква динамика и сценографија. Изложбата Never Not in Love на Дарко Алексовски претставува нов изложбен контекст во кој овие седум писма се замислени да се читаат.
Never not in Love (Никогаш незаљубен) е интердисциплинарен и партиципативен уметнички проект составен од две серии дела: Љубовни писма на осаменоста и Бранови.
Љубовните писма на осаменоста тргнуваат од интимно обраќање во форма на писмо, на начин на кој е поништена можноста за хронолошко лоцирање, и се понудени на публиката за исчитување со можност за влегување во еден личен свет со емоционални прашања и состојби кои е тешко да се преведат во зборови. Целината е составена од седум дела создадени на машина за пишување (марка UNIS tbm). Тоа се неадресирани и неиспратени писма, но упатени до конкретни личности. Оригиналната содржина на текстовите е пишувана и коригирана во различни периоди во последните две години, во форма на дневник и забелешки, а напишан на машина во 2018 год.
Бранови е дело во простор, составено со мултиплицирање на една фотографија. Фотографијата е испечатена во доволен број примероци со цел да го покрие целиот изложбен простор околу писмата, на начин што создава амбиент кој го контекстуализира читањето на писмата. Фотографијата на која се гледа море со бранови, е снимена непосредно во периодот кога се напишани и писмата и испечатена е на розови листови хартија за визуелно и содржинско доближување на двете целини.
Изложбата може да се погледне од 18 до 24 мај 2019, во периодот 12 до 18 часот, во студиото PrivatePrint.