Роберт го запознав летото 2018 година кога бев на патување во Њујорк. Имав чест да го посетам неговиот дом, кој се наоѓаше во маало во кое живеат многу уметници, а јас запознав дел од нив, кои творат и живеат во истата градба како Роберт. Се прошетавме низ Бруклин, испивме кафе, а потоа се упативме кон неговото ателје, со што започнува интересниот дел од приказната, во којашто не знам дали можам да кажам дека навистина сум го посетила ателјето на Дандаров. Се упативме со метро кон местото каде што се наоѓаше неговото ателје. За време на патувањето, Роберт раскажуваше за својот живот, колку е тешко да живееш и да се издржуваш како ликовен уметник во Америка, а можеби и секаде во светот, колку бил тежок неговиот живот и детството во Македонија и како успеал да стигне до тоа што е тој денес.
По еден час патување, стигнавме во зградата во која се наоѓаше неговото ателје, за кое не беше сигурен до кога ќе може да го користи затоа што додека да се заврши ентериерот на зградата, им ја изнајмувале на уметниците што плаќаат малку поевтина кирија за да творат во свој простор. Но, градежната фирма веќе се обидуваше да ги избрка уметниците, со цел да ја преземе зградата и да ја претвори во станови за живеење. Кога влеговме во неа, се чувствуваа различни миризби, меѓу кои имаше мирис на нешто овошно и слатко. Роберт ми кажа дека има уметници што се занимаваат со секакви работи, а еден од нив бил некој човек што произведува гранола. Стигнавме и до неговата врата, а возбудата дека ќе го видам ателјето во кое тој работи и неговите најнови дела, беше голема. По долго барање на клучот, на мое огромно разочарување Роберт сфати дека клучевите ги заборавил во својот дом.
Додека стоевме пред вратата и размислувавме што да направиме, од соседната врата излезе еден негов пријател, кој колку што се сеќавам се занимаваше со сликарство. Нѐ поздрави, се насмеаја со Роберт и го замоли да ја хакне вратата, затоа што тој знаел да го направи тоа. Човекот ја зеде картичката за метро и пробуваше да ја отвори вратата. Проба неколкупати, но тешко одеше. За среќа, по долго време успеа.
Врата се отвори и веднаш се појавија големите платна кои беа делумно насликани, се забележуваа умерените бои и реалистичниот приказ на лицата.. Бевме среќни и благодарни што сепак најдовме начин да влеземе, се израдувавме и го поздравивме херојот што успеа да ја отвори вратата без клуч. Јас зјапав во делата, но не знам колку долго траеше тоа, веројатно само неколку секунди, бидејќи во тој момент дувна силен ветер низ отворен прозорец и ја затвори вратата пред нашите лица… се слушна „трас!“ и веднаш пробавме да ја отвориме вратата, но таа веќе беше заклучена. Потоа следуваше уште една серија обидувања да ја отвориме со картичка, но веќе помина повеќе време од планираното, па моравме да се откажеме и разочарани си заминавме од зградата.Делата на Дандаров се импресивни, како и неговите животни приказни и дружењето со него. Пријатно е само да си во негово присуство и да го слушаш неговото животно искуство, а мене ми е бескрајно мило што имав можност да го запознам во живо.
Роберт Дандаров е роден во Струмица 1959 година. Најголем дел од детството го поминал таму, а води потекло и од Битола. Бидејќи неговиот вујко во тоа време живеел во Битола, тој често поминувал време таму, за што вели дека секогаш му било убаво. Во шеесеттите години тој живеел со родителите. Неговиот татко се занимавал со врамување слики и правење огледала, во што подоцна се приклучува и неговата мајка, со цел да помогне. Ваквата работа Роберт ја опишува како опасна и отровна, а зиме често тој процес се одвивал и во нивниот дом. Тој го минувал детството меѓу огледала и врамени репродукции на познати уметнички дела. Гледајќи ги тие дела, Дандаров го открива уметничкиот свет и во него се буди желбата за сликање.
Откривајќи го уметникот во себе, почнал да црта насекаде, на подот, на куќниот мебел, на секое парче хартија и неискористено стакло, но, за жал, не добил поддршка од татка си, тој дури и остро реагирал на неговиот занес и го казнувал со уништување на неговите цртежи. Но, неговата мајка била трпелива и го поддржувала својот син, кој за среќа во основното училиште се запознал со учителот што му помогнал и го охрабрил да продолжи со цртање. Таа поддршка значела многу за него, па наспроти желбата на својот татко, се запишал во уметничкото училиште каде што опсесивно цртал и сликал. Во 1976 година добил стипендија на Американската академија за уметности и заминал во Чикаго, на само седумнаесет години, без пари и доволно познавање на англискиот јазик. По две години тој одлучил повторно да се врати во Македонија и оди да го отслужи воениот рок, во едно интервју Роберт вели дека сакал да види што може да научи од тоа.
По извесно време се преселил во Њујорк каде што се запознал со својата прва сопруга и работел. Во 1999 година се развел од својата сопруга и заминал во Доминиканска Република каде што работел како учител. Потоа следувале Франција, па Белгија и во 2001 година повторно се вратил во Њујорк, Бруклин, каде што се запознал со својата втора сопруга, со која живеат заедно и се раѓа нивната ќерка Каталина, прекрасна девојка што имав чест да ја запознам. Дандаров се развел од својата сопруга, после Бруклин се преселил во Орегон и таму живеел околу две години. Од минатата година живее во Белгија и таму има свое ателје.
Делата на Дандаров се прилично темни и полни со симболика, во неговото сликарство можеме да ја забележиме инспирацијата од македонската историја и култура. Тој вели дека нему му е предодредено да го слика она од каде што потекнува и секогаш мора да се претстави и темната страна на нештата:
„Мисијата на сликарот не е само да прави убави слики и да задоволува некои ентериери со мртви природи и цвеќиња, туку да ја откорне таа коприна или да го исчисти тој катран од себе и од другите околу него за да ја видат светлината.“
Иако поголемиот дел од животот го поминал во Америка, во неговите дела не се забележува особено влијание од таа култура. Тој вели дека сè што насликал, доаѓа од нашите краишта, митологии, поезија. Во неговите дела тоа „македонското“ е претставено на еден поинаков начин, сепак тој не е архаичен сликар, но тоа е коренот и главната инспирација, која е неисцрпна. Неговата изложба во Музејот на Град Скопје беше наречена „Macedonia Noir“ и се состоеше од репродукции на негови дела што имаат темни мотиви. За да се восприеми една негова слика треба прво да ѝ се даде шанса, оставајќи ги настрана своите размислувања, во обид да комуницираме со тоа дело.


Викторија Мачковска