PopUp Rating: 3/5
Возбудениот Хауард му го покажува уникатниот дијамант на Гарнет, а тој пак, веднаш се опседнува со убавиот примерок и го замолува да му го позајми. Суеверниот спортист верува дека каменот содржи специјални моќи кои ќе му помогнат да победи на вечерашниот натпревар…
„Неизбрусени камења“ е долгометражен игран филм на браќата Бени и Џош Сафди кои делат и авторска заслуга. Режисерите создаваат свет инспириран од вистински настани кои вклучуваат концерт на мегапопуларниот музички изведувач „The Weeknd“ и натпревари на легендарниот американски кошаркар, Кевин Гарнет. Тие се актери т.е. клучна нишка која го поврзува сценариото и директно влијае во кроењето на судбината на главниот лик.
Жестокиот почеток е достојна најава за хаотичниот живот на протагонистот, но пеколниот развој на настаните наметнува високи очекувања кои не ги исполнува површниот заплет. Лакомиот Хауард ненаситно продолжува да се задолжува и предизвикува неволји, а публиката добива впечаток како да се повторуваат случките, додека постојано расте долгот на обложувачот. Сепак, може да се извлечат вредни животни поуки од самоуништливите размислувања и грешни одлуки на главниот лик, односно како тој води поголема грижа за материјалното богатство отколку за сопственото здравје.
Директорот на фотографија парира на бурното темпо со кратки, динамични кадри, но воспеаната тензична атмосфера не го постигнува посакуваниот ефект поради недостаток на мудра режија и прецизна монтажа. Сценариото не го оправдува оддолженото времетраење (135 мин.), напротив, ја прави криминалистичката драма здодевна и дури одзема од солидната психоделична електронска музика.
Адам Сендлер е дефинитивно еден од холивудските претставници на жанрот комедија и дел од категоријата типизирани актери во очите на јавноста. Актерот, како да е трогнат од ова тврдење, па решително бележи целосна физичка трансформација и фантастично го игра ликот на лесно избувливиот Хауард. Тој е олицетворение на алчноста, зависноста од обложување и прељубата кои свесно го оттргнуваат од саканото семејство. Сендлер авторитативно се носи со тешкиот нарав на ликот и совршено го доловува воедно (бес)чувствителниот татко и љубовник. Актерската екипа е збир на непознати глумци и дебитанти, а токму шоуто го краде дебитантката на големото платно, прекрасната актерка Џулија Фокс. Таа одлично ја игра заводливата љубовничка со пргав карактер која е слаба точка на протагонистот.
Најуспешното филмско остварување на браќата со еврејско потекло е интересна идеја која пати од конфликт на улогите, нивните лични интереси и веднаш се насетува желбата дека тие сакале да се поистоветат со афинитетите на главниот лик (фанови на НБА и „The Weeknd“). Исто така, филмот комплетно потфрла во обидот да кулминира, а тоа се должи на непотребно долгото времетраење кое ја уништува врската со публиката. „Неизбрусени камења“ е лоша изведба која единствено се потпира на маестралната актерска игра на Адам Сендлер и отвора апетит за нови промени на талентираниот глумец во иднина.
Филип Мишов