Долорес, што те научи тебе самоизолацијата досега? Дали оние стандардни размислувања дека времето треба да се искористи за да се воспостави контакт со внатрешното јас, ги доживуваш како клише? 😊
Човекот треба да е сам свој најдобар пријател во секое време. Со тргањето на притисокот да си секојдневно продуктивен во шаблонот што го налага општеството, се дава шанса токму на тоа, спознавање и работа на себе. Јас ја имам таа среќа да сум од оние луѓе на кои буквално никогаш не им е досадно. За мене самоизолацијата е избор поголем дел од мојот живот, токму поради нејзината продуктивна природа. Така, секоја можност што луѓето ја имаат за самоспознавање е привилегија – како за тие што не ја осознале оваа димензија, така и за тие што одново можат да ѝ се посветат.
фото: Мартин Крстевски
Се гледа дека уживаш во кантавторството и во твојата специфична интерпретација, која е свежа и оригинална. Уживаат и луѓето што те слушаат. Под твојата песна „king catastrophe“ на Јутјуб, има коментар: „Зошто песнава не трае вечно“? Раскажи ни нешто за креативниот процес при создавањето музика и за целиот твој ангажман на ова поле?
Креативниот процес е многу едноставен. Лежам во кревет обземена од емоции и си потсвирнувам дури не се појави нешто што сметам дека ми ја доловува емоцијата. Не се придржувам многу до правила на компонирање, иако токму тоа беше отсекот на моето средно образование. Ме водат емоциите и импресиите, и од таа причина кога го отпеав последниот стих од „king catastrophe“, знаев дека песната треба таму да застане, на 54-тата секунда. Едноставно имав кажано сѐ што сакав да кажам. Подоцна решив да биде интро на една поголема целина, на еден цел албум што е веќе во подготовка, а чија инспирација е мојата најголема љубов, едно дете чие име значи токму тоа – да сакаш.
Од неодамна, бесплатно може да се гледа филмот „Јавачи на коњи“, во кој ти толкуваш една од улогите. Филмот е снимен во 2016 година, но сè уште буди реакции. Како го доживуваш ова филмско искуство од денешна дистанца?
„Јавачи на коњи“ е мое прво и засекогаш омилено филмско искуство. За мене таа приказна е безвременска, како и пријателствата што никнаа од процесот на создавање. Во приказната публиката има можност да се запознае со светот на оние што се отфрлени од општеството – луѓе што живеат во постојан модус на социјално дистанцирање, тие што немаат дом ниту круг на пријатели, тие што се исклучени од секојдневната социјализација, тие што како што се спомнува во приказната „ги забележуваме само кога треба да го свртиме погледот“. Прикладно, кога во општеството се развива колективен алтруизам, можеби е погодно време повторно да се запознаеме со оваа приказна, чија цел не е само да се конкретизира општествена драма во уметничка форма, туку и да предизвика дискурс за вистината за ваквиот живот.
фото: Наташа Величковска
Ова се навистина тешки моменти за сценската уметност воопшто. Како функционираш деновиве и што би им препорачала на другите актери што одвај чекаат да се вратат на сцена, а и на публиката на која ѝ недостига театарот?
Актерот не мора да е на сцена за да учи и да се надоградува. За своја среќа или несреќа, имав шанса да го сфатам тоа многу пред целата оваа паника, во еден долг период на професионална суша. Книги можат да се читаат во кревет, истото важи за стручна литература, филмови и музика. Живееме во време на технологија и достапно ни е апсолутно сѐ, но брзиот и зафатен начин на живот, не ни дозволува да се посветиме на себе. Ова ни е добра шанса. Изгледајте ги сите претстави што можете да ги најдете на интернет. Земете го тој монолог што многу ви се допаѓа уште од времето кога сте студирале, но никогаш не сте нашле време да го работите. Зборувајте гласно на сите дијалекти што ги знаете. Научете нов јазик. Пејте, дури и да сте убедени дека „не ве бива“. Избришете ја прашината од старата гитара од чичко ви. Не е толку страшно, лесно се учи.
фото: Горан Димов
насловна фотографија: Наташа Величковска