Со оваа мисла се водевме по идејата да разговараме со фотографката Наташа Величковска, која се занимава со фотографирање веќе четири години и најмногу се препознава во портретната фотографија. Прв учител ѝ бил Драги Неделчевски, кој несебично ги делел своите книги и знаење со неа. Стремежот за раст во фотографијата е воочлив и на нејзиниот инстаграм-профил, преку делата што постојано се усовршуваат и пленат со успешното бегство од тривијалноста и баналноста, истакнувајќи ја несекојдневната естетска визура на Наташа.
Бидејќи портретната фотографија е твоја пасија, што мислиш, дали субјектот има поголемо влијание врз финалниот израз и впечатокот од портретот отколку фотографот? Колку фотографот може да се проектира себеси врз ликот што го фотографира?
Во портретната фотографија постојат повеќе перспективи на гледање односно на доживување на ликот што се фотографира. Како субјектот се гледа и како фотографот го гледа, се тотално различни видувања за истата работа.
Крајниот резултат е секогаш колаборација и размена на енергија помеѓу двете страни. Во ниеден случај не може да стане збор за доминација, бидејќи доколку тоа е пренагласено од која било страна, ќе резултира на крајниот производ негативно. Секогаш од моите модели сакам да извадам чиста и искрена емоција, а тоа е можно само со добра атмосфера при работа и заемна внесеност во моментот.
Дефинитивно субјектот треба да ги следи препораките на фотографот, но овде се сретнуваме со момент дека не секогаш пред објективот имаме професионален модел кој е свесен за говорот на неговото тело и неговата експресија. Во некои случаи таа професионалност и искуство пред камера помага, а во некои случаи знае да зададе и проблем, токму поради моментот на неприфаќање инструкции во целост. Исто така, со овој проблем се сретнуваме и кога фотографираме модели без претходно искуство. Тие случаи се дефинитивно најпредизвикувачки и неизвесни. Тогаш или имаме суперконекција и тотална опуштеност и перфектен краен резултат за кратко време, или тотална спротивност. Со моделите без искуство треба голема трпеливост.
Овој процес на фотографирање буквално подлежи на психолошка спремност, повторно обострана. Бидејќи портретот односно изразот на лицето секогаш зборува за нашата внатрешност, за емоции што некогаш сме ги почувствувале или ги чувствуваме во моментот, зависи што е крајната цел.
Со самото тоа дека портретната фотографија бара доближување до моделот, истовремено пренесувањето на енергијата е на повисоко ниво. Доколку кај која било од страните постои, на пример, анксиозност, тоа е лесно воочливо и може да предизвика немир и кај другата страна. Затоа, секогаш пред да фотографирам, претпочитам запознавање со моделот, односно со неговата личност и енергија.
На што обрнуваш внимание при запознавањето?
Запознавање на моделот пред фотографирање или мое претставување на моделот, сметам дека двете страни мора да се запознаат пред фотосесијата, бидејќи со самото тоа што моделот повеќе ме познава, ќе биде поопуштен и пред мојата камера. Тоа е заемен процес и мора да ѝ претходи на секоја фотосесија.
Велиш дека сакаш да експериментираш и да користиш природна светлина. Кои се предностите, а кои се тешкотиите при таквиот избор?
Пред да се фотографира на дадена локација, најмалку еден ден пред фотосесијата мора да се испита теренот, во колку часот сонцето под кој агол паѓа, сенките од околните објекти, случајните минувачи, безбедноста, временска прогноза.
Кај природната светлина немаме целосна контрола и зависиме премногу од надворешните влијанија. На пример, кога е облачно имаме многу честа промена на бои, кои резултираат со целосно различен mood.
Што мислиш за девалвирањето на фотографската работа во сајбер–просторот преку непочитувањето на авторските права и објавувањето фотографии без наведен автор?
Авторските права се тема за која треба сериозно да се дискутира во нашава земја. Авторското право и сродните права се сложена материја, а кај нас исто толку и непозната. Сметам дека фали сериозна едукација за авторски права на сите „новинари“ што пишуваат статии (неважно со каква содржина). Кога станува збор за нивното практикување од медиумите, тие се дополнително усложнети поради тоа што се испреплетуваат многу лични, економски и правни прашања.
Тука мислам дека може да се вметнат евентите, затоа што тие фотки се најчести жртви на необразованоста на новинарите за авторските права. Авторското право и сродните права уживаат кривичноправна, граѓанскоправна и прекршочна заштита.
Фотографираш и храна. Каков пристап имаш и во која мера се разликува од пристапот што го имаш кон портретната фотографија?
Со самото тоа што во едниот случај имаме објект, а во другиот субјект, приказната е различна. Во поставување на храната имаме целосна контрола, но исто така треба да се внимава на времетраењето на фотосесијата, температурата во просторот во кој фотографираме, нормално во зависност од храната. Секоја храна нуди различни предизвици, некогаш треба да сме брзи и особено внимателни, а некогаш имаме доволно време и за експериментирање. Најчесто храната ја приготвувам сама, а исто така и целиот концепт и топло препорачувам храната исклучиво да се фотографира најаден. 😀
Насловна фотографија: Бојан Стоилковски