Веќе сите знаете дека неодамна излезе нејзиниот деби-албум „Дома“ во кој удобно се сместени песните што наликуваат на мали, меки сонични перничиња на кои можете да се опуштите и да запловите во чудесниот свет на нејзиниот dream pop. Бидејќи го слушавме и неколку пати на ден, ни беше предизвик да дознаеме од каде извира музичкиот бекграунд на Дина, што слуша таа и како се формира нејзиниот творечки процес. Ја замоливме да одбере 5 песни што го отсликуваат нејзиниот музички вкус и да ни раскаже што ја врзува за нив. Па, повелете:
- Astrud Gilberto – Dindi (Шеќерна волна песна)
Пред да кажам нешто за песната, морам да спомнам дека боса нова ми е еден од омилените музички жанрови, а Аструд Жилберто една од омилените пејачки, ако не и омилена. Толку многу ми влијае, што вметнувам елементи во авторската музика. Џинџи е првата песна што ја научив од овој жанр и сè уште ми е омилена. Можеби бидејќи е првата песна што ја научив на факултет, па ме врзува со преубави спомени. Секоја среда правевме jam sessions во Менада, каде во пракса ги свиревме сите работи што ги учевме на факултет. Иако не се поминати многу години од тоа време, сега, за жал, работите се многу сменети. Благодарна сум што ги имам тие спомени и Џинџи секогаш ќе биде тука да ме потсетува на нив.
- Alt J – Something Good (Песна за правење палачинки)
Имав период во којшто слушав само алт џеј, а истиот период си испробував различни рецепти за палачинки. Неколку пати случајно се погоди да ја слушам Something good додека ги правам, па така тоа ми остана традиција. Не само за палачинки, функционира за готвење било каква храна. Дава некој посебен шмек, верувајте!
- Hayley Williams – Leave it alone (Песна за тажење)
Во периоди на тага, го „утепав“ од слушање албумот „Petals for armor“ од Хејли. Потребна е голема храброст да си ги откриеш раните пред сите и да зборуваш за болни работи на начин на којшто таа го направи. Колку и да е слатко – горчливо, има некоја убавина во тоа некој друг да најде утеха во твојата болка и тага. Преку овој албум, Хејли ме измотивира да продолжам да бидам искрена и отворена во мојата музика.
- Bomfunk MC’s – Freestyler (Хајп песна)
Песна за инстант кревање атмосфера. Ја дознав кога имав 9/10 години и ми е една од првите песни што си ја симнав кога научив дека постои youtube to mp3 converter. Песна за возење во кола на автопат, песна за журки, родендени, прослави и слични настани, песна за трчање и кардио тренинзи, и уште што не. Инстант хајп во моменти кога е падната енергијата.
- Фолтин – Чекор (Песна за на точак)
Тешко ми е да одберам која песна од Фолтин ми е омилена. Ќе ја издвојам „Чекор“. Најчесто ја слушам кога возам точак, а тоа е многу често. Фолтин се доказ дека имаме преубав јазик што, ако се искористи паметно, може да настанат чуда, особено кога ќе се искомбинира со нивната генијална музика. Бранко, како омилен македонски текстописец, ме мотивира да продолжам да го правам тоа што го правам. Затоа е неизбежно песна на Фолтин да се најде во топ 5 песни што ми влијаат мене и на тоа што го правам.
фото: Гоце Лалковски