На фестивалот веќе беше претставена Катарина Винклер од Австрија, со нејзиниот роман „Модар накит“. По неа беше промовирана најновата книга „Viola arsenica“ на еден од најважните и најценети македонски автори, Влада Урошевиќ. Вечерва, со почеток во 19 часот, ќе биде претставена книгата „Под двете сонца“ од авторот Огнен Спахиќ од Црна Гора. По оваа промоција ќе бидат претставени и книгите „Пченкарнозлатна коса, сиви очи“, „Од устата на китот“ и „Сината лисица“ од гостинот од Исланд, Сјон. Потоа следува промоцијата на книгата „Сведокот“ од Балсор Хоџа, гостинот од Косово.
На 14 октомври, со почеток во 19 часот, ќе биде промовиран романот „Педесет цигари за Елена“ од Марина Вујчиќ. По овој настан следува промоцијата на романот „Часовничарот“ од авторката Михаела Гашпар (со која кратко поразговаравме). Последната фестивалска вечер ќе донесе уште две големи авторски имиња, чии книги се бестселери не само во нашата земја. Во 19 часот ќе бидат промовирани книгите на гостинката од Шведска, Софија Лундберј. Романите „Дабот сè уште е тука“, „Прашалникот е половина срце“ и „Црвениот адресар“ ќе ги претстави Јана Мишо. Фестивалот „BookStar“ ќе заврши со Миодраг Мајиќ од Србија, автор на политичките трилери „Деца на злото“ и „Островот на пеликаните“.
Во продолжение ви го претставуваме краткиот разговор со хрватската писателка Михаела Гашпар, чија книга „Часовничарот“, како што веќе спомнавме, ќе биде промовирана утревечер (14 октомври) во „Кино Фросина“.
Навлегувајќи во ликот на Јосип Мајдак од „Часовничарот“, човек не може а да не се запраша дали има начин да се живее (или да се умре) со мирна совест и помирување со минатото?
– Toj, всушност, се стреми да умре со чиста совест. Затоа и ги презема сите овие дејства, да речеме, ја вика помошничката за да се ослободи од вишокот предмети во животот. Во оној момент кога сфатил дека неговиот овоземен живот е при крај, тој прави еден вид рекапитулација на својот живот што се протега далеку во минатото, во неговото детство, сè со цел да се исчисти. Додека го живееме животот, ние не размислуваме на овој начин. Мислам дека воопшто не постои начин да имаме некаков компас што ќе нè води, бидејќи ние не размислуваме за крајот. Кога размислуваме за крајот, тоа е некаква мисла што брзо се појавува и уште побрзо исчезнува. Не мислам дека сме лоши поради тоа. Ние едноставно не сме дизајнирани секојдневно да мислиме на своите постапки за да имаме чиста совест еден ден.
Зошто смртта, поточно стравот од смртта, е вечно во фокусот на литературата? Дали е тоа стравот од непознатото, или нешто друго?
– Мислам дека тоа е затоа што сакаме да ги преиспитуваме тие нешта во односот со себе. Не мислам дека тоа е некаква посебна тема, како што не мислам дека е посебна тема и животот сам по себе. На тој начин ја билдаме својата духовност.
Како Ви влијаеше пандемискиот период на писателската инспирација и што успеавте да согледате за тоа време?
– Пандемијата ми беше добредојдена за да се посветам повеќе на читањето и на пишувањето. Јас, всушност, ја сакам изолацијата, но сепак преферирам да ја нема пандемијата и сите да сме малку послободни. Не можам да кажам дека тешко ми падна животот во самоизолација. Го прифаќам тоа како светски момент што дојде изненадувачки. Можеби беше неминовно да се случи. Ако се вратиме две години наназад, сигурно не би можеле да го разбереме она што сега ни се случува. Потребно е искуство за да разберете нешто.
Бидејќи Вашата примарна уметност е вајарството, како успеавте да се поврзете со литературата?
– Јас зборувам за вајарството како за еден лош брак, а за поранешните партнери не треба да се зборува лошо (се смее). Едноставно го прекинав секој однос со вајарството. Како и во секој лош брак, кога партнерот ќе ве повреди, така и мене вајарството ме повреди. Мислам дека никогаш нема да му се вратам бидејќи конечно чувствувам дека сум на своето место.
Како го доживувате гостувањето во Скопје и кои се Вашите следни планови, што следно можеме да очекуваме на книжевно поле?
– Навистина е ова шанса. Секој фестивал и запознавањето нови луѓе е секогаш екстензија за нешто друго. Среќна сум и благодарна што сум дел од овој фестивал. Во изминатава година ми беше период на акумулација, па ако од тоа произлезе нов роман, ќе биде одлично.
Драган А.