Во раскошната македонска дистопија, изминативе години МКЦ остана (можеби) единствениот простор неинфициран од калкулантството и профитерството (од естетски причини во оваа статија ја избегнуваме придавката „политичко“, но тоа секако се подразбира), кои на овој или на оној начин се наметнаа како modus vivendi во нашиот сеопфатен општествен живот, притоа не одминувајќи ја и културата. Затоа, зборувајќи за својот багаж во овие деликатни моменти на сериозни бранувања во културата, особено во начинот на кој таа се менаџира на државно ниво, тимот на МКЦ вели:
„Можеби е нескромно ние да го правиме ова, но во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, сметаме дека е важно континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор. Дотолку повеќе кога станува збор за јавна установа, или репрезент за културата на еден град, како што е МКЦ.“
Не, не е нескромно. Потребно е. Всушност, толку ургентно е потребно да се зборува за вистинските вредности, за ужасно тешкиот поход да се „пркоси на секој бран на шунд и кич“, што не би им забележале и доколку на ова нè потсетуваат деноноќно, 365 дена во годината. Зошто? Затоа што и тајмингот на брановите на шундoт и кичот е таков: прајмтајм ударен, деноноќен, 365 дена во годината.
Инаку, вчера на прес-конференцијата, тимот на МКЦ се осврна на својата работа во 2018 година и најави извонредна 2019-та со врвни настани и исклучителни артисти. Иако сите се вредни за нашето внимание, овде направивме потесен избор на оние што со нетрпение ги очекуваме во МКЦ оваа година:
„The Tiger Lillies“ за затворањето на МОТ 2019
Одржувањето на МОТ годинава од практични причини е планирано да биде нешто порано од вообичаено – наместо кон крајот, ќе се одржи на средината на септември. Музичкиот потпис на MOT ќе го стави култниот британски бенд „The Tiger Lillies“ – несекојдневната комбинација од кастрато опера, ромска музика со жестина на панк и сурова страст што ги ослободува емоциите на публиката низ песните за проститутките, макроата, наркоманите, семејното насилство, убиствата, силувањата… Панк кабарето во стил на Брехт, стајлингот од ерата на Дикенс и водвиљскиот допир на музиката и перформансот на „The Tiger Lilles“ се совршен избор за финалето на МОТ.
Лиза Џерард заедно со „Le Mystère des Voix Bulgares“
Во својата работа како дел од „Dead Can Dance“, како и во соло-проектите и саундтракот за филмовите меѓу кои е и „Гладијатор“, Лиза Џерард пее како да не е од овој свет, користејќи сопствен музички јазик. Но кога ги запознала членките на познатиот бугарски хор „Mистеријата на бугарските гласови“, сфатила дека западното bel canto пеење, кое доаѓа од дијафрагмата, стомакот и главата, е различно од бугарското што доаѓа од градите, дека тоа е глас што не се тренира, природен глас со кој се раѓаш. Не ги копирала, не зашто не сакала, туку зашто не можела. Импресионирана од ова музичко богатство, во нивната заедничка соработка направила сè за да не го „расипе“ нивното пеење и да му се надоврзе во оригиналната форма.
Nipplepeople на ЗДРАВО МЛАДИ 2019
Oгромна радост! Никој не знае кои се двајцата членови на ова хрватско електропоп дуо. Настапуваат под маски, а во едно од нивните ретки интервјуа на почетокот од кариерата ќе кажат дека така одлучиле бидејќи „во морето од жолтило на музичката сцена“, тие сакаат да ја стават музиката на прв план и да ја фокусираат својата публика на стиховите и звукот. Се појавија во 2008 година со првиот сингл „Broj“, па потоа следеа „Sutra“, “Tebi”, “Ne volim te” и “Bolji”, но вистинската слава им ја донесе обработката на песната „Frka“ од Зденка Ковачичек.
Томи Јанежиќ и Словенско младинско гледалишче
МКЦ го најавува и словенечкиот режисер Томи Јанежиќ со неговата последна театарска продукција во изведба на ансамблот на Словенско младинско гледалишче, но и уште петнаесетина странски театарски продукции со кои се во завршни преговори. Јанежиќ беше дел од МОТ со шестчасовната претстава „Галеб“ на Антон Чехов, а сега МКЦ ја најавува неговата дванаесетчасовна претстава, која е без наслов (Без наслов, сè уште), а го обработува митот за Дон Жуан, базирана на драмскиот текст на Симона Семениќ и со текст на самите автори, што е стартна точка во креативниот процес во кој Дон Жуан станува Јанез. 😊
Џим Џармуш на CINEDAYS 2019 (во преговори)
Ако дојде, легендарниот режисер на „Dead Man“, „Coffee and Cigarettes“, „Only lovers left alive“ ќе одржи музички концерт на филмскиот фестивал. Љубовта што Џармуш ја негува кон музиката можеше да се забележи и во неговиот документарец за животот и музиката на Иги Поп, „Gimme Danger“ од 2016 година. Бил дел од три бенда: „The Del-Byzanteens“, „Bad Rabbit“, „SQÜRL“, а објавил и три албуми во соработка со холандскиот композитор Jozef van Wissem за лејблот „Sacred Bones“. Ако се прашувате за нишката што ги поврзува филмското и музичкото кај Џармуш, тоа најдобро ќе ви го објасни Wissem со следново: „Џим ги прави филмовите како музичар. Тој ја има музиката во својата глава кога ги пишува сценаријата…“