За режисерот на „Сталкер“, „Соларис“, „Андреј Рубљов“, „Огледало“ се вели дека за Западот ја отелотворува сликата на руски артист, а за Русија – сликата на отфрлен месија. Филмското творештво на Андреј Тарковски е исклучителна мешавина од поетски слики, долги клапи, драматична структура и умешно продирање во метафизичкото. Ингмар Бергман сметал дека Тарковски е најважниот режисер, измислител на нов јазик што е соодветен на природата на филмот, бидејќи го прикажува животот како рефлексија и како сон. Со намера да избегаме од крути биографски факти, решивме да споделиме цитати од едно опсежно интервју на Тарковски од 1985 година, во кое тој зборува за својот живот, за сржта на своите филмски дела и за својот уметнички профил.
„Ме одгледаа моите родители, посебно мојата мајка затоа што татко ми ја оставил кога сум имал три години. Всушност, ме одгледала мајка ми. Татко ми беше поет и тешко е да кажам дека има извршено одредено поетско влијание врз мене. Тој повеќе влијаеше врз мене во некоја биолошка смисла на несвесно ниво. (…) Мислам дека татко ми немаше никакво влијание врз мене, внатрешно влијание. Тоа ѝ го должам на мајка ми. Таа ми помогна да се пронајдам себеси. Дури и во филмот („Огледало“) можете да видите дека условите за живот ни беа многу тешки и сложени. Такви беа времињата. Тогаш мајка ми останала сама, јас сум имал три години, сестра ми година и половина постара од мене, и таа едноставно цело време се грижела за нас, никогаш не се премажила, секогаш беше со нас. Никогаш не се омажи по вторпат, го сакаше својот маж, мојот татко, цел живот. Беше неверојатна жена, вистинска светица. На почетокот била потполно неподготвена за живот, во секоја смисла. И тогаш целиот свет околу оваа потполно незаштитена жена се урнал, првенствено затоа што немала професија, а веќе имала две деца. Двајцата мои родители студирале на Бријусовиот институт но мајка ми забременила со сестра ми и не дипломирала. (…) Не можам да сфатам како успеала да нè одгледа, како издржала, дури и физички. Тоа е непоимливо.“
„Обостраното разбирање помеѓу авторот и публиката, без кое уметничкото дело не постои, е возможно само кога творецот е искрен. Тоа не значи дека искрениот творец подразбира и исклучително дело, способноста и талентот остануваат основни предуслови, но без искреноста на уметникот, вистинската уметничка креација не е можна. Јас верувам дека кога некој ја кажува вистината, некаков вид внатрешна вистина, тој секогаш ќе биде сфатен. Дури и тогаш кога прикажаните проблеми се многу комплексни, кога нанижаните слики и формалната структура се многу комплицирани, основниот проблем за авторот секогаш ќе биде искреноста.“
„Отсекогаш ми било важно до границите до кои човечкиот дух е неуништлив да ја прикажам материјата која е предмет на распаѓање, уништување како спротивставување на духот што е неуништлив. Тоа ќе го најдете во ‘Андреј Рубљов’ иако тука очигледно имаме работа со деструкцијата во смисла на морално уништување, не на спротивставување на духовното и физичкото. Додека во ‘Сталкер’ или во ‘Огледало’, на пример, ја имаме куќата што повеќе не постои и можеби навестувањето на духот на тоа место којшто засекогаш останува. Мајката, кога излегува, се сеќавате на тоа? – останува секогаш иста. Важно ми беше да покажам дека оваа слика или душата на мајката е бесмртна. Останатото подлежи на распаѓање (…) За мене е неспорно дека деструкцијата не треба да ги погодува ликовите, туку само објектите.“
„Во ‘Сталкер’, самиот Сталкер не ми е толку важен. Многу позначаен е Писателот, кој влегува во Зоната како циник, закоравен прагматичар, а се враќа од неа како човек што зборува за човечкото достоинство, кој сфатил дека не бил добар човек. Дури првиот пат се соочува со ова прашање, дали човекот е добар или лош? И, ако веќе помислил на тоа, тој го започнал патот. Кога Сталкер кажува дека сите негови напори биле залудни, дека никој ништо не разбрал, дека никому не бил потребен, тој греши. Писателот разбра сè. Затоа самиот Сталкер не е толку важен.“
„Имам многу високо мислење за Станислав Лем (автор на ‘Соларис’ н.з.) и многу ги сакам неговите дела. Ги читам секогаш кога можам, ја читам и ја сакам неговата проза, но се чини дека (и жал ми е што е така) тој не го сака премногу, не разбира што е филмот. Затоа во текот на нашата заедничка работа бевме нерамноправни партнери. Јас прекумерно ги обожавав неговите книги, а тој беше потполно рамнодушен кон моите филмови. (…) Не можеше да го сфати филмот и до денешен ден сè уште не може. Не знае што е тоа. Има многу такви луѓе, дури и многу интелигентни, кои детално ја познаваат книжевноста, поезијата, музиката, но филмот не го сметаат за уметност. Или мислат дека филмот сè уште не се родил или не го чувствуваат, не можат да ги забележат стеблата во шумата во смисла на тоа дека не можат да ги издвојат вистинските од комерцијалните филмови. И очигледно е дека Лем не го третира сериозно филмот како уметност. Затоа веруваше дека треба да ја следиме неговата приказна во сценариото, дека треба едноставно да ја илустрираме. Јас тоа не можев да го направам.“
„Сите човечки црти ми се исклучително важни: достоинството, слободата… Внатрешната слобода, бидејќи сте свесни дека политичката и духовната слобода се два различни концепти. Кога зборуваме за политичката слобода, тогаш всушност ние не мислиме на слободата, туку на правата. Право да живееме на начин што е во согласност со нашата совест, што го сметаме за неопходен. Право да му служиме на општеството, онака како што ја сфаќаме таа задача. Право да се чувствуваме слободни. Права. И некои должности, нормално. Не знам, ако сакаш да бидеш слободен, тогаш секогаш си слободен. Знаеме дека луѓето можат да бидат слободни дури и в затвор. Не треба слободата да се поврзува со напредокот. Од почетокот на човечката свест и индивидуалност, човекот можел да биде или да не биде слободен, во внатрешната смисла на зборот. Затоа кога зборуваме за слобода, не би требало да ги мешаме прашањата на правото и слободата, внатрешната, духовна слобода.“