Дали последниот филм на режисерот Јоргос Лантимос „Миленичката“ („The Favourite“) е комедија? Секако дека е, нечиста, насилна и скандалозно искрена. Дали е само комедија? Во никој случај. Тоа е кралска драма со совршен кастинг поткрепен од трите извонредни настапи на Ема Стоун, Оливија Колман и Рејчел Вајс, сите номинирани за Оскар во својата категорија.

Дејството на филмот речиси целосно се случува во палатата на кралицата Ана, во почетокот на 18 век. Чудесната Оливија Колман на ликот му дава една гротескна димензија, почнувајќи од телесните манифестации на болеста, загубите, посттрауматските нарушувања и една благородничка разгаленост добиена како резултат на титулата. Постојано во агонија поради болките во нозете, врз кои во секое време мора да има облоги од месо, таа речиси и да не се движи, физички, но и политички хендикепирана, фокусирана на своите зајаци како тажен симбол на личните загуби, кралицата е целосно зависна од својата пријателка Сара (Рејчел Вајс), Војвотката од Марлбороу, сурова, но чесна и храбра жената што раководи со кралството. Секако дека во филмот глумат и мажи, симпатичен во улогата на лидерот на опозицијата, Роберт Харли, е Николас Хулт кому одлично му легнуваат префриганоста и политиканството како особини карактеристични за политички лидери. Тоа не ја спречува Војвотката од Марлбороу да се залага за продолжување на војната со Франција, додека Роберт Харли преговара за мир, стравувајќи од банкрот.

Банкрот? Но, палатата (Хатфилд куќа во Хертфордшир) не покажува знаци дека парите се намалуваат: целата површина на ѕидовите однатре е покриена со уметнички слики и таписерии, мермерни скали, махагон, полни трпези со скапи јастози, трка на патки и екстравагантни забави каде што се танцува толку глупаво, што се чини за момент како да гледаме Монти Пајтон.
Која е Aбигејл? Ќерка на несреќен татко што ја губи во облог, па таа доаѓа во палатата и ја моли својата далечна роднина, војвотката од Марлбороу, за работа. Оваа атрактивна, привлечна и навидум искрена млада жена успева да се доближи до кралицата и да ѝ падне в око. Ема Стоун одлично го носи ликот на новата следна миленичка, која сериозно ја загрозува позицијата на Сара.

Досега можеби ви се чини дека ова е само уште една интригантна, сочна, сексуално политичка приказна, но овој филм ги урива сите правила на ваквиот тип на country houses драми. Кинематографијата наликува како дело на Караваџо, а доста често се користи и леќа како „рибино око“ за да ја искриви сликата и да се даде дополнително растегнување. Костимографијата е иронија сама по себе, таа прави исчекор кон високата мода на 21 век, иако дејството се случува во 18 век. Сценариото може да се пофали со некои од најубавите реплики што ќе ги слушнете на филм, како и нетипичен, вулгарен кралски вокабулар што ќе ви ја смени перцепцијата. Амбициите на ликовите се брутални и ги минуваат сите граници.

За разлика од претходните филмови на Лантимос, црни комедии поставени во алтернативна реалност со изнасилени, пренагласени ставови и обичаи, овој филм е целосно веродостоен. Ова не е филм за хуманоидни андроиди, туку за човечки суштества, кој ниту еднаш не ја занемарува ранливоста на трите централни жени, и тоа колку ужаси тие мораат да пребродат за да преживеат во машкиот свет.

И секако тука е крајот.
Ах, крајот! Филм од ваков калибар не би можел да се заврши на подобар начин, да се финишира со поенти и лични откровенија, истовремено со горчина на јазикот и олеснување, со одговори што генерираат нови прашања, со заклучоци што не ни се допаѓаат, ама би изградиле цела инфраструктура од размисли само за да ги донесеме.
А до него ве оставаме да стигнете сами, уживајќи во „Миленичката“.

