Миле Манев е лик што (додека живееше во Скопје) можевте да го сретнете на најубавите концерти во МКЦ или, пак, да го начекате со апарат в рака на некоја падина на кањонот Матка, занесен во правењето макрофотографии како голем вљубеник во природата. Можеме да забележиме дека по заминувањето во Австралија ја доусовршил својата умешност во видеомонтажата и фотографијата започнувајќи професионална кариера како фотограф и видеограф на недвижнини. Се разбира, продолжил да оди на добри концерти (ќе видите фотка од Too Many Zooz) и покрај на урбаната фотографија, ѝ останал верен и на својата пасија кон природата преку фасцинантните австралиски пејзажи. Еве што ни кажа кога го прашавме за неговиот однос кон фотографијата:
„Љубовната афера со фотографијата трае многу одамна, но по моето пристигнување во Австралија, таа романса се претвори во професија. Омилена и најчеста дисциплина ми е пејзажот во најразлични облици. Специфичноста на природата ја прави Австралија исклучително фотогенична. Исто така, Мелбурн, градот во кој живеам, е урбан центар што го дише 21-виот век во целост и мами за фотографска авантура низ улиците. Обиколен со архитектонска мешавина од викторијански стил и модерен дизајн, дополнет со мултиетничкиот дух и култура, создава чувство на еден надреален свет.“