До 28 февруари, во „Винил“ ќе можеме да видиме дела од работилницата што се реализираше во склоп на изложбата „Celebrate Life / Емоции за еден град“ на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g. Илустрациите се дела на млади графички дизајнери и артисти од различни градови и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички, кое во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности за квалитет на воздухот пропишани од ЕУ. Куратор е самиот Ind.o.g, а учесници се: Medina Hodja, NaVe, Гога Стојковска, Дарко Лековски, Дијана Недева, Димитар Чаки Чакар, Јован Јосифовски, Кристијан Стевковски, Мартин Митровски, Матејин Бојан. За работилницата и изложбата, Ind.o.g вели:
„Изложбата и целиот проект се исклучително важни бидејќи живееме во еколошка катастрофа и е многу битно постојано да се преземаат активности за да им се објасни на луѓето околу нас што значи квалитет на животот, како и тоа дека не се само финансиите во прашање. Јас сметам дека животната средина е далеку попресудна за начинот на кој ќе живееме во иднина. ‘Celebrate Life’ веќе осум години зборува за сите општествени промени (позитивни и негативни) и преку уметноста допира до многу поголема публика одошто кога би се работело за пишан збор, а тврдејќи го ова не ја потценувам улогата на ниту еден медиум. Едноставно, илустрацијата за мене е најдобриот начин да ги искажам сите мои ставови.“
„Во ‘Винил’ ја поставивме изложбата со која го затворивме тримесечниот проект ‘Емоции за еден град’, меѓутоа акцијата не застанува тука бидејќи животната средина за мене не претставува само периодичен проект. Таа се провлекува низ целиот мој живот како инспирација и стремеж – луѓето да ги разберат нејзините придобивки. Колку и да звучи нескромно, морам да споделам дека сум презадоволен од резултатите од работилницата. Прекрасно е чувството кога гледате како млади луѓе од различни делови на земјата размислуваат на тема што е од суштинско значење за нашиот град. Би сакал во иднина да ја реализираме оваа работилница/изложба низ повеќе градови.“
Не пропуштивме да го прашаме и за неговите следни проекти.
„Јас веќе почнав да работам и да размислувам за мојата нова пролетна серија блузи. За конкретната тема на таа серија сè уште не би можел да зборувам, иако деновиве зачестено цртам цветови. Дали поради радоста околу доаѓањето на пролетта или, пак, нешто сосема друго ме инспирира, ќе видиме на крајот на месецот“ 😊