Вчера од Њујорк пристигна уште едно признание за македонскиот документарец во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов. Имено, престижниот „Њујорк тајмс“ го стави „Медена земја“ на врвот на листата на најдобри филмови во 2019 година. Во текстот на реномираниот филмски критичар А. О. Скот се вели:
„Започнат како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од еп, алегорија за животната средина во реалноста, и не помалку, боцкава комедија за вечниот проблем сo незгодните соседи“.
Покрај ова, „Медена земја“ е номиниран во категоријата најдобар документарен филм за 2019 год. за претстојните „Сателит награди“ („Satellite Awards“). Овие награди се доделуваат од страна на Меѓународната академија на новинари (International Press Academy – IPA), во која членови се новинари кои работат за печатени, телевизиски, радио и интeрнет-медиуми во филмската и ТВ индустрија. „Сателит наградите“ се доделуваат од 1997 год., а свеченоста се одржува во Холивуд.
Деновиве беше соопштено и дека снимателите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума, се номинирани за наградата која ја доделува Американското здружение на кинематографи. Ова здружение е формирано во 1919 година, а годинава првпат во нивниот избор влегуваат и документарни филмови. Американското здружение на кинематографи ги доделува наградите за извонредни достигнувања по 34. пат оваа година на најзначајниот светски настан посветен на филмската камера.
„Медена земја“ е и еден од петте филмови кои ќе се натпреваруваат во категоријата за најдобар документарец за наградата „Spirit Award“. Станува збор за награди кои веќе 35 години се доделуваат на независните и нискобуџетни филмови од целиот свет. Со оваа манифестација им се оддава признание на креативните филмски приказни и на филмските уметници кои нудат различност, иновација и уникатност во визијата за филм. Доделувањето на наградите ќе се одржи во Санта Моника, Калифорнија, САД, вечерта пред оскаровската церемонија.
Неодамна беше објавено и дека „Медена земја“ е еден од седумте филмови номинирани за престижната награда за најдобар документарен филм која ја доделува Организацијата на продуценти на Америка. Оваа организација е основана во 1962 год, и денес има повеќе од 7000 членови од целиот свет. Доделувањето на наградите ќе се одржи на 18 јануари во „Холивудскиот паладиум“.
Минатиот месец беше соопштено дека „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува Европската филмска академија. Нашиот филм е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември (сабота) во Берлин, Германија.
Филмот е македонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм. Номинациите за „Оскар“ ќе бидат соопштени на 13 јануари 2020 година.
По дистрибуцијата во САД летово, и Велика Британија на почетокот на есента, деновиве почна прикажувањето на филмот и во 60 киносали и во Германија. Исто така, почна и кинодистрибуција во Данска, а до Нова година ќе се најде во сите Скандинавски земји.
Во меѓувреме продолжуваат проекциите и во Македонија. Изминатиов период се прикажа во 30 градови низ нашата држава. Од неговата премиера на „Македокс“ до почетокот на месецов, филмот го погледнаа повеќе од 21.000 гледачи во земјава.