Верувам дека сите знаете која е Мартина, па своеглаво и тенденциозно ќе ја прескокнам нејзината професионална заднина и историја и ќе ве оставам да го прочитате нашиот краток, сладок разговор.
Речиси излезе твојот прв соло-албум „Weird Fishes“, кој го класифицираш како „Drumless Loops Album“. Кажи ни малку повеќе за тоа, објасни ни го концептот…
Во изминатиов период си ги користам постовите на Инстаграм/ТикТок за да си раскажам некоја приказна или за да споделам некоја емоција. Најчесто видеата ми се со музика што ја имам направено, па на таа музика смислувам делови што ќе ги отсвирам на тапани и го снимам тоа и го постирам. Некако си најдов начин да ги користам постовите како вентил за тоа што сакам најмногу да правам – да снимам и да смислувам делови што се catchy и интересни за слушање.
Кога ми се насобраа, сфатив дека можам да ги склопам во еден албум и да ги споделам на Bandcamp, со цел и други тапанари од каде било (а и други музичари ако се инспирираат) да можат да свират врз таа музика. Многу е интересно што кога ја споделив музиката и гледав како други музичари создаваат нешто со тоа, сосема ми се смени перцепцијата за овие loop-ови – на позитивен начин.
Последнава година си значително поактивна на социјалните мрежи – како ти, така и целиот свет. Каква улога имаат социјалните мрежи конкретно во твојата кариера, како канали за поврзување со фанови и со потенцијални соработници?
Мислам дека социјалните мрежи се многу добра алатка едноставно да си го претставиш тоа што ти можеш и сакаш да го правиш. Убав push ни даде (во секое лошо има и добро) овој застој на секојдневието да се свртиме кон работите што свесно или несвесно ги избегнувавме, а за мене дефинитивно еднa од работите беше објавување видеа. Запознав многу луѓе, можам дури и да кажам дека стекнав многу убави пријателства, кои на друг начин не би биле возможни. Од минатата година до сега драстично ми се смени животот затоа што се посветив да го правам ова активно и сум задоволна многу од можностите што ми ги донесе. Добри вести наскоро!
Апропо претходното прашање – дали и ти спаѓаш во групата луѓе што последнава година ја гледаa како можност за работа на себеси и својата дисциплина… или веќе и тебе ти „превре“?
Има моменти (луѓе сме) каде што секој ден станува ист. Ама дефинитивно сум повеќе од другата страна на спектарот – многу работа на себе, многу посветеност и решителност. Сѐ што се вложува со љубов, се враќа дупло!
Во јануари ја најави соработката со „Istanbul Mehmet“, турска компанија за рачно изработени чинели…
„Istanbul Mehmet“ се прекрасни луѓе, а тоа е најважно за една соработка. Тоа значи заемна поддршка, а за млади музичари значи премногу кога некоја компанија одлучува да застане зад нас. Има интересни работи што следуваат заедно со нив!
Пред две години беше на европска турнеја со аудиовизуелниот проект „Con-Front“ и со него имаше можност да запознаеш различни музички и концертни култури. Иако тоа беше одамна, која е клучната и најочигледната разлика меѓу начинот на работа надвор и во Македонија? Која култура најмногу те примами и му соодветствува на твојот карактер и принцип на работа?
Дефинитивно Белгија ми беше преубава – од хостелот 4AD до храната, до луѓето и фактот дека и во едно такво мало местенце како што е Diksmuide, сѐ функционираше како што треба и беше на место. Најочигледната разлика е леснотијата во патувањето од земја во земја дефинитивно.
Кога работам, сакам да имам план и цел и сѐ да биде навреме, а тоа дефинитивно најмногу го почувствував кога работевме во Белгија и во Франција.
Задоволна ли си од тоа колку и како жените се претставени во локалната музичка/концертна индустрија? Kaко се чувствуваш како жена во македонската музичка сцена?
Има уште еден тон работа што ни останува, но наместо зборување – подобро е само да се бориме со дела. Жените во музичката индустрија не се тука за да бидат симпатични и има опасни музичарки што секојдневно го докажуваат тоа.
Со кого би основала all girl band?
Со жените од Warpaint во еден здив. И со Hayley Williams. И со Billie Eilish и со Jorja Smith кога веќе ги спомна подолу, хаха.
Billie Eilish или Jorja Smith?
Двете!
Албум или сингл?
Албум спремен, сингл како најава, хаха.
In rainbows или ОK Computer?
In Rainbows!
Џез или поп?
Во моментов, поп.
Spotify или Deezer?
Apple Music.
Артист на чиј концерт сакам да присуствувам…
Hayley Williams.
Најдобар концерт/фестивал/свирка на кои сум присуствувала….
Warpaint во Загреб, постојано се навраќам, убавини.
Денес, македонската сцена ја одржуваат во живот…
Уфффф, сите пробуваме.
Во исчекување сум на албум од…
Себе.
Кога би можела да правам музика за филм, тоа би бил филмот…
Ау, не знам… тешко ми е да замислам кој било филм што сум го гледала со друга музика сега, хахаха, што било само не акционен – секој саундтрак им е ист.
Како млада музичарка, најдобриот совет што некој ми го дал е….
Да си одберам правец во кој сакам да се развивам и да бидам многу добра – наместо да пробувам да се развивам во 5 различни правци (тоа го забавува процесот) – John Riley
А, најдобриот совет што можам да го дадам на млади музичари е….
Секогаш да го правиш/свириш тоа што тебе ти е убаво и ти е „дома“, ништо друго не е поважно. Со сила убавина не бидува – мора да ја сакаш музиката што ја свириш.
Миа Милошеска
фото: Гоце Лалковски