PopUp Rating: 4.5/5
„Лука“ е долгометражен анимиран филм на режисерот Енрико Казароса во продукција на етаблираното студио за анимација – Пиксар, а прекрасното сценарио е плод на Џеси Ендрјуз, Сајмон Стивенсон и Мајк Џонс.
Авторското трио се води по наративот „less is more“ и веднаш ја исфрла идејата на површина подготвена за реализација. Сценариото умешно одбива да погледне кон минатото и да понуди конкретни одговори за метаморфозата на морските битија во човечки облик туку целосно ја насочува енергијата кон развој на главните ликови. Малиот Лука е чесно, исполнително момче кое стравува да се искраде од удобноста на комфорната зона, но истовремено гори од љубопитност да ја разоткрие мистеријата која ја таи копното. Новото другарче, Алберто е долгоочекуваната поддршка што го ослободува протагонистот да се впушти во океанот полн со нови дразби. Бестрашниот Алберто е креаторот зад изреката „Замолчи Бруно!“ која е рецепт за триумф над стравот од непознатото и иако тој полека заостанува во сенка на Лука, неговата значајна улога и осамената приказна што подоцна доаѓа до израз е дополнителна афирмација за високиот квалитет на сценариото.
Искреното другарство на децата при крајбрежјето на гратчето Порторосо е срцевината на дејствието, но „Лука“ е многу повеќе од филм за најмладата публика. Возбудливите авантури на главните ликови пленат со вредни животни поуки поткрепени со едукативна содржина. Детството на Лука, Алберто и Џулија изобилува со мудро вметнати лекции за Сончевиот Систем, творецот Леонардо да Винчи, грандиозниот колосеум во Рим, книгата за Пинокио и дури името на мачката е Макијавели по големиот владетел, Николо. Исто така, во екот на летната сезона Италија ја добива најпривлечната покана за туристите со разгледница од блескавото сонце, небесното море, неодоливо вкусната храна, фудбалската игра и црвената веспа која е симбол на слободата. Режисерот црпи инспирација од личните сеќавања и го исполнува опкружувањето на ликовите, а гратчето Порторосо е анимација од живописното место, Портофино. Милозвучните канцони совршено ја красат забавната атмосфера и 95те минути лесно прераснуваат во волшебен вител од насмевки и солзи.
Младата актерска екипа ја сочинуваат тинејџери кои ги позајмуваат гласовите и тие остваруваат неверојатно моќна врска со публиката уште од почетните сцени. Питомиот Лука го игра 14 годишниот глумец Џејкоб Тремблеј кој зад себе веќе има импресивно резиме со улогите во тензичниот трилер „Соба“ и емотивната драма „Чудо“. Храбриот Алберто е задолжение на Џек Дилан Грејзер, а импулсивната Џулија на Ема Берман и освен индвидуални заслуги, адолесцентите заслужуваат и комплименти за извонредната хемија која владее на платното.
Дебитантското анимирано остварување на режисерот Казароса високо ја поставува границата за неговите следни проекти. Во минатото, тој беше дел од сториборд тимот на „Ледено доба“, „Горе“ и „Коко“ меѓу другите, но „Лука“ несомнено се вбројува во најдобрите анимирани филмови од последната декада. Филмот го ослободува детскиот дух и буди авантуристички ентузијазам кај најмладите, а ги навраќа возрасните на незаборавните спомени од безгрижното детство. На крајот, рачно изработените цртежи при завршната шпица се генијален прозорец до иднината и новите предизвици кои ги очекуваат Лука и Џулија во школските денови, а веднаш, оправдано се затвора вратата за продолжение. Имагинацијата е повеќе од доволна за публиката да продолжи да сонува и по спуштањето на завесата. Ако на минатогодишниот оскаровец „Душа“ му недостасуваше душа, во „Лука“ има вишок и навистина тешко ќе биде да се надмине дебито на Казароса во овогодинешната оскаровска трка.
Филип Мишов